(продолжува од претходниот ден) Ова го кажале не затоа што не знаеле кој е Тој, туку затоа што сакале да го чујат одговорот на возвишената фалба:
„Тоа е Господ силен и моќен,
Господ моќен во бојот!
Порти, подигнете ги надвратниците свои!
Врати исконски, подигнете се,
Царот на славата да влезе!“
Повторно се слушнал повикот: „Кој е тој Цар на славата“, затоа што ангелите никогаш не се уморуваат кога слушаат како се возвишува неговото име. Ангелите од придружбата одговориле:
„Господ Семоќниот
Тој е Царот на славата.“ (Псалм 24,7-10)
Тогаш вратата на Божјиот град се отворила ширум и мноштвото ангели поминало низ портата придружувано со звуци на величествена музика.
Тука е престолот натсводен со виножито на Божјата милост. Тука се херувимите и серафимите. Тука се заповедниците на небесната војска и Божјите синови, претставници на безгрешните светови. Небесниот совет, пред кој Луцифер го обвинил Бога и неговиот Син, претставници на оние безгрешни царства над кои сатаната планирал да го основе своето владеење сите се наоѓале овде да го поздрават Откупителот со добредојде. Тие се желни да ја прослават неговата победа и да го издигнат како свој Цар.
Но ги задржал, давајќи им знак со рака. Уште не. Тој сега не може да прими славен венец и царска облека. Тој излегува пред својот Отец. Ја покажува својата ранета глава, прободените ребра, ранетите нозе; ги подига рацете на кои се наоѓаат лузни од клиновите ги покажува доказите на својата победа. Му го претставува на Бога снопот како жртваприказница, оние што воскреснале со него како претставници на големото мноштво што ќе излезе од гробовите при неговото второ доаѓање. Пристапува кон Отецот кој се радува кога некој грешник ќе се покае кој за еден се радува пеејќи. Пред да бидат поставени темелите на земјата, Отецот и Синот си дале заеднички завет дека ќе го откупат човекот ако сатаната го победи. Си ги стегнале рацете и свечено се заветувале дека Христос ќе стане гаранција за човечкиот род. Христос го исполнил ова свечено ветување. Кога на крстот извикнал: „Се сврши“, му се обратил на Отецот. Спогодбата во целост е исполнета. Сега изјавил: Оче, свршено е. Ја исполнив твојата волја, Боже мој. Го извршив откупот. Ако е твојата праведност задоволена, „сакам оние што ми ги даде да бидат со мене каде што сум јас“ (Јован 19,30; 17,24).
Се слушнал Божјиот глас како објавува дека правдата е задоволена. Сатаната е победен. Христовите следбеници, кои се мачеле и се бореле на земјата, се прифатени во „Возљубениот“ (Ефесците 1,6). Пред небесните ангели и пред претставниците на безгрешните светови се прогласени за оправдани. Таму каде што е Тој, ќе биде и неговата Црква. „Љубовта и верноста во пресрет ќе си појдат, правдата и мирот ќе се бакнат“ (Псалм 85,10). Рацете на Отецот го прегрнале Синот и издадена е заповед „да му се поклонат сите Божји ангели“ (Евреите 1,6).
Со неискажлива радост кнезовите, поглаварите и силите ја признале врховната власт на Кнезот на животот. Небесните војски паднале ничкум пред него, додека низ небесните дворови се ореле триумфални извици: „Достојно е Јагнето, кое беше заклано, да прими моќ , богатство, мудрост, сила, чест, слава и благослов“ (Откровение 5,12).
Кон музиката на ангелските харфи се придружиле победнички песни така што се чинело дека небото е прелеано со радост и похвала. Љубовта победила. Загубениот е најден. Небото одѕвонува од гласови на возвишени песни што објавуваат: „На Оној, кој седи на престолот, и на Јагнето, благослов, чест, слава и власт за вечни векови“ (Откровение 5,13).
Од оваа сцена на небесна радост, нам на земјата ни се враќаат како одглас прекрасните Христови зборови: „Се враќам кај мојот Отец и кај вашиот Отец, кај мојот Бог и вашиот Бог“ (Јован 20,17). Небесното и земното семејство се едно. Нашиот Господ се вознел за нас и живее за нас. „Затоа и може да ги спасува за вечни векови оние кои преку него доаѓаат кај Бога, зашто Тој секогаш живее за да ги застапува нив“ (Евреите 7,25). (крај)