Оддалечен само еден чекор од својот небесен престол, Христос им дал налог на своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата.“ „Одете и сите народи сторете ги мои ученици.“ „Одете по целиот свет и проповедајте му го евангелието на секое создание“ (Марко 16,15). Овие зборови често се повторувани за учениците да можат да го сфатат нивното значење. Небесната светлина требало да засвети со јасни, светли и топли зраци над сите жители на земјата над возвишените и понижените, над богатите и сиромасите. Учениците требало да соработуваат со својот Откупител во неговото дело, а негово дело е да го спаси светот.
Налогот им е даден на дванаесеттемина кога Христос се состанал со нив во Горната соба, но сега треба да му се пренесе на еден поголем број. Сите верници што можеле да бидат повикани се состанале на една гора во Галилеја. Сам Христос пред својата смрт го одредил времето и местото на овој состанок. Ангелот на гробот ги потсетил учениците на неговото ветување дека ќе се сретне со нив во Галилеја. Ветувањето им е повторено на верниците што се собрале во Ерусалим во текот на пасхалната седмица, а преку нив стигнало до многу осамени поединци што ја оплакувале смртта на својот Господ. Со големо интересирање сите однапред се радувале за овој разговор. По заобиколни патишта, за да не предизвикаат сомневање кај недоверливите Евреи, пристигнувале од сите правци на местото за средба. Дошле зачудени, ревносно разговарајќи за новостите што допреле до нив за Христа.
Во одредено време околу петстотини верници се собрале во малечки групи на падината на гората со желба да дознаат сè што можело да се дознае од оние што го виделе Христа по неговото воскресение. Учениците оделе од група до група, раскажувајќи сè што виделе и чуле за Исуса, објаснувајќи го од Писмото сè она што им го објаснувал Тој. Тома повторно им ја раскажувал историјата на своето неверување и им зборувал како се отстранети неговите сомневања.
Одненадеж, меѓу нив застанал Исус. Никој не можел да каже од каде и како дошол. Мнозина меѓу оние што биле присутни никогаш порано не го виделе, но ги набљудувале лузните од распнувањето на неговите раце и нозе; неговото лице било како Божје лице и кога го виделе, му се поклониле со длабока почит.
Но некои се сомневале. Така ќе биде секогаш. Има такви кои сметаат дека е тешко да се покаже вера и се сомневаат. Тие многу губат поради своето неверство.
Тоа бил единствен разговор што го имал Исус со мноштво верници по своето воскресение. Дошол и им рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата.“ Учениците му се поклониле пред да проговори, но неговите зборови, излегувајќи од усните што биле затворени за време на смртта, ги проникнале со посебна сила. Тој сега бил воскреснат Спасител. Мнозина меѓу нив го виделе како ја покажува својата сила лекувајќи ги болните и потчинувајќи ги сатанските орудија. Верувале дека има сила да го воспостави своето царство во Ерусалим, сила да скрши секој отпор, моќ над силите на природата. Тој ги смирил разбеснетите бранови. Одел по запенавеното море; воскреснувал мртви. Сега изјавил дека му е дадена „сета власт“. Неговите зборови ги издигнувале мислите на неговите слушатели над земното и поминливото кон она што е небесно и вечно. Биле издигнати до највисок степен на сфаќање на неговото достоинство и слава.
Христовите зборови, изговорени на падините на планината, неговата жртва за човекот ја прогласиле за целосна и совршена. Условите на помирување биле исполнети; делото за кое дошол на овој свет е извршено. Бил на пат кон Божјиот престол да го слават ангелите, властите и силите. Го почнал своето посредничко дело. Облечен во безграничен авторитет, им дал налог на учениците: „Одете и сите народи сторете ги мои ученици“, „крштавајќи ги во име на Отецот, Синот и Светиот Дух, учејќи ги да држат сè што сум ви заповедал; и еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“ (Матеј 28,19.20). (продолжува)