МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 март: Да се вежбаме во самосовладувањето)

„Љубовта не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло.“ (1 Коринтјаните 13:5; Библија)

Во домот и во семејниот живот може многу да се постигне со самосовладување. Секој нека настојува животот на другите да им го направи што е можно попријатен. Бидете внимателни особено во говорот, чувајте го единството, слогата и љубовта. Сатаната нема никаква моќ над оние, кои во семејството потполно владеат со себе.

Хармонијата во семејството можеме да ја имаме само ако во потполност му се потчинеме на влијанието на Светиот Дух. На негувањето на семејната љубов никогаш не може да ѝ се подари премногу грижа и внимане, бидејќи домот во кој пребива Божјиот Дух е симбол на небото. Сето она што би можело да го наруши мирот и единството на семејниот круг, мора да се спречи и отстрани. Во дух на љубов и добрина треба секогаш да негуваме нежност и трпение. Ако едниот погреши, другиот треба да покаже дух на христијанска стрпливост.

Покажувајќи дух на нежност, долго трпение и љубов ги наведуваме другите да ни возвратат на сличен начин. Ако Христос е навистина присутен во нашето срце, надежта на славата, тогаш во нашиот дом ќе владее христијанско единство и љубов. Кога Христос постојано пребива во срцето на мажот и жената, меѓу нив не може да има никаква неслога. Тие заеднички ќе се стремат кон дворовите кои Христос отишол да ги подготви за оние кои Го љубат.

Во односите помеѓу мажот и жената, родителите и децата, браќата и сестрите, секогаш треба да доаѓаат до израз најнежни чувства на внимание и љубов. Должност на секој член на семејството е да биде пријатно расположен и да зборува љубезно.

Домот во кој владее љубов и каде таа се гледа во зборовите, во погледот и во постапките, претставува место каде што сакаат и ангелите да пребиваат, осветлувајќи го со божествена светлина. Љубовта треба да се огледа во секој збор и секоја постапка, како и во тонот на гласот.

Самосовладувањето покажано во животот на секој член на семејството го прави домот сличен на рај.

Pin It on Pinterest