МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(15 – 21 март: Да се вежбаме во самосовладувањето)
„Упати ме по патеката на Твоите заповеди, зашто јас се насладувам во неа. Приклони ми го срцето кон твоите прописи, а не кон среброљубие!“ (Псалм 119: 35.36; Библија)
Време е младите да собираат знаење од оние области од коишто ќе можат практично да го применат во секојдневниот живот. Време е младите да создаваат добри навики, да ги исправуваат грешките, да стекнуваат сила на самосовладување, учејќи се сѐ што прават во својот живот да биде по Божја волја, на благослов и за добро на ближните. Младоста е време на сеидба од која зависи каква ќе биде жетвата, не само за овој живот, туку и за животот од другата страна на гробот. Навиките стекнати во детството и младоста, тогаш формираните особини и способности, или пак неспособноста на самосовладување, скоро со сигурност ја одлучуваат иднината на личноста.
Попуштањето на една себична мисла, занемарувањето на една должност, го припрема патот за понатамошни такви чекори. Она што сме се осудиле да го направиме еднаш, друг пат ќе го направиме уште полесно. Навиките на христијанската умереност, самосовладувањето, штедливоста, грижливоста, доследноста и вниманието во говорот, стрпливоста и вистинската учтивост не се стекнуваат без внимателно и истрајно одмерување на секој свој чекор. Многу е полесно човек да се деморализира, изопачи и израсипе, отколку да ги победи своите недостатоци, да владее со себе и да ги развива во себе вистинските доблести. За да ги развиеме вистинските христијански доблести во својот живот, мораме да бидеме подготвени на истрајни напори.
Навиката на владеењето со себе, треба да се стекнува од најраното детство. Младите треба да се импресионираат со мислењето дека тие мораат да бидат господари, а не робови. Во царството кое се наоѓа во нив самите Бог направил од нив владетели, и тие треба да се користат со таа предност дадена од Бога. Ако ваквите поуки се даваат совесно, последиците ќе се почувствуваат далеку, надвор од самиот круг на младите. Со тоа влијание ќе бидат опфатени и спасени илјадници души коишто се наоѓаат на самиот раб на пропаста.