МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(8 – 14 март: Раководење според начелата, а не според склоностите)
„Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта од Бога Таткото не е во него, зашто сè што е во светот: – похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, не е од Таткото, туку од светот.“ (1 Јованово 2:15.16; Библија)
За во ова време на голема изопаченост да се држат до вистинските начела, младите мораат да водат сериозна борба. Најмногу има такви коишто настојуваат да се водат според другите, својот животен пат да го прилагодат и ускладат со критериумот на овој свет. Слично на празни меури или на безвредни отпадоци тие пливаат низ водата. Тие немаат лично достоинство, ниту морална независност, ниту пак им е до тоа да ги ценат оние кои што Бог ги цени. Одобрувањето на светот за нив е поважно од Божјото одобрување. Единствен мотив според кој се раководат е постигнување на овоземски цели. Бидејќи не ја ценат вистината и не се раководат според начелата, не може да им се укаже доверба. Тие се играчка на сатанските искушенија. Таквите немаат почит ниту самите спрема себе и немаат вистинска среќа во животот. Поради своите слабости и неразумност тие заслужуваат само сожалување, и сите оние коишто сакаат да бидат чесни и достојни за почит треба да се отстрануваат од нивниот пример. Но наместо да биде така, нивното друштво премногу често се бара и тие вршат фасцинирачко влијание, коешто скоро и да е невозможно да се неутрализира.
Во формирањето на сопственото мислење и одбирање на друштвото раководете се според разумот и Божјиот страв. Во тој поглед бидете одлучни и цврсти во својата намера, без оглед на тоа што ќе мислат другите за вас. Кога Божјите барања бараат да тргнете по пат којшто е спротивен од оној по којшто одат вашите другари, појдете одважно и храбро напред, без оглед на тоа дали на тој пат ве има многу или малку. Отфрлете го сето она што Божјата Реч го осудува, па дури и ако целиот свет го прифаќа и одобрува. Оние коишто секогаш пливаат низводно, коишто ги сакаат задоволствата, им попуштаат на своите страсти и бирајќи ја секогаш линијата на помал отпор, ги жртвуваат начелата додека не ја задоволат секоја своја желба, таквите никогаш нема да стојат како победници околу големиот бел престол.