МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 март: Херои пред Бога)

„Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град.“ (Пословици 16:32; Библија)

Да се владее со себе значи да се победи најголемиот непријател со којшто човекот мора да се бори. Самосовладувањето претставува најочевиден доказ за благородноста на еден христијанин. Оној којшто може да остане мирен и невозбуден среде злоупотребите и навредите е вистински херој пред Бога.

Оној којшто научил да владее со својот дух ќе се воздигне над омаловажувањата, отфрлањата и нелагодностите на коишто сме секојдневно изложени, и таквиот полесно ги растерува темните облаци со коишто непријателот тежнее да го помрачи неговото расположение.

Божјата намера е со животот на човечкото суштество да господари царската моќ на посветениот разум, контролиран од божествената милост. Таква моќ поседува секој оној којшто владее со својот дух.

Луѓето, кои кога ќе дојдат во искушение да искажат лутина и гнев, остануваат со мирен и урамнотежен дух, се поголеми во очите на небесните ангели од најпознатите водачи коишто извојувале победи на бојните полиња.

Она што на младите во нашите денови им е најмногу потребно е христијанско херојство. Божјата Реч вели дека оној којшто владее со својот дух е подобар од оној којшто е во состојба да освои град. Да се владее со својот дух значи да се држат своите чувства и темперамент под контрола на разумот и совеста. Нека младите најискрено настојуваат во својот живот да го внесат совршенството коешто се огледувало во животот на Спасителот, така што ќе бидат подготвени при Неговото доаѓање да влезат низ портите на Божјиот град. Божјата љубов и Неговото постојано присуство во срцето даваат сила за самосовладување и го оформуваат карактерот според Христовиот пример.

Христовата милост во душата, сите животни цели, намери и способности на човечкото суштество ги насочува така што со тоа сѐ повеќе јакнат неговите морални и духовни сили – сили кои што младите нема да ги остават на овој свет, туку ќе ги облагородат и ќе ги понесат со себе во животот на иднината, и ќе ги задржат низ бескрајните времиња на вечноста.

Pin It on Pinterest