МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 март: Херои пред Бога)

„Нашиот Бог Кому Му служиме може да нè избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нè избави. Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.“ (Даниел 3:17.18; Библија)

Кога Навухудоносор издал наредба, по повод посветувањето на златниот кип кој тој го подигнал, да се соберат сите раководечки луѓе од целото царство и на звукот на музичките инструменти да паднат и да му се поклонат на тој лик, овие три момчиња се нашле во тешко искушение. На оние коишто нема да ја извршат царската наредба им било упатено дека веднаш ќе бидат фрлени во вжарена печка.

Идејата за принудното поклонување на овој лик ја поттикнале вавилонските мудреци за да ги вовлечат и еврејските момчиња во своето идолопоклоничко богослужение. Тие биле прекрасни пејачи и музичари, и Халдејците сакале тие да заборават на служењето на вистинскиот Бог и да го прифатат служењето на вавилонските идоли.

Дошол одредениот ден, и на најавениот звук на музичките инструменти огромното мноштво на насобрани, според строгата царска наредба, „испопаѓаа и му се поклонија на златниот лик“. (Даниел 3:7; Библија) Но овие три момчиња не ги свиткале своите колена.

Царот во бес наредил печката да се вжари седум пати појако отколку вообичаеното, и кога било направено тоа, трите момчиња – евреи биле фрлени во огнот. Топлотниот удар на отворот од печката бил толку јак што луѓето коишто ги фрлиле момчињата во печката испопаѓале на земјата мртви. Царевото лице одеднаш пребледнало од страв и ужас. Запрепастен и со треперлив глас рекол: „Но јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; а четвртиот е сличен на Синот Божји.“ (Даниел 3:25; Библија)

Така од столетие во столетие имало херои коишто со својата верност кон Бога го воодушевувале светот околу себе и со својата изразита светлина ги осветлувале оние коишто живееле во темнината на заблудата. Даниел и тројцата негови другари претставуваат изразити примери на христијански херои. Од нивните доживувања на вавилонскиот двор можеме да научиме што сѐ може да стори Бог за оние коишто Му служат со сето срце.

Pin It on Pinterest