МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 март: Херои пред Бога)

„И фрлаа камења на Стефана, кој повикуваше, велејќи: ‘Господи Исусе, прими го мојот дух!’ Тогаш падна на колена и извика со силен глас: ‘Господи, не земај им го ова за грев!’ И кога го рече тоа – заспа.“ (Дела Ап. 7:59.60; Библија)

Како човек којшто му бил многу мил на Бога и којшто активно соработувал во придобивање на душите, Стефан го изгубил својот живот затоа што изнел едно силно сведоштво за распнатиот и воскреснатиот Спасител.

Омразата којашто непријателите на вистината ја изразиле кон Божјиот Син била продолжена со иста мерка и кон Неговите следбеници. Не можеле да поднесат да се зборува  за Оној Когошто тие Го распнале, па така Стефановото неустрашливо сведочење ги разбеснело до лудило. Во светлината којашто ја виделе на Стефановото лице, тие поглавари имале јасни докази дека тој им пренесува Божја порака.

О, да биле подготвени да слушаат! О, да го прифатиле повикот на покајание! Но тие сето тоа го одбиле.

Кога Стефан видел дека ќе настрада поради Христа, тој воопшто не се колебал. На свирепо избезумените лица на своите прогонители, тој ја прочитал својата судбина, но не се притеснувал да им ја изнесе својата последна порака на тие луѓе. Погледнувајќи на нив, рекол со свечен глас: „Еве ги гледам отворени небесата и Човечкиот Син како стои оддесно на Бога.“ (Дела Ап. 7:56; Библија)  Целото небо со внимание гледало на оваа глетка. Христос, станувајќи од Татковиот престол, се наведнал да го види лицето на својот слуга, и блескави зраци на Неговата слава го осветлиле лицето на маченикот. Луѓето биле запрепастени гледајќи дека лицето на Стефан блеска како лице на ангел. Додека така осветлен со Божјата слава го гледал лицето на својот Учител, Христовите непријатели го опсипувале со камења. Гледајќи мирно како го убиваат, тој ни најмалку не се исплашил, и до последниот здив на својот живот Му се молел на Господа да им прости на неговите убијци.

Христос направил сѐ што било можно за нашиот пат да биде полесен и Тој сака да одиме по Неговите стапки: затоа што само на тој начин ќе можеме да бидеме учесници во Неговата слава.

Pin It on Pinterest