МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 7 март: Херои пред Бога)
„А тогаш фараонот му рече на Јосифа: ‘Откако Бог ти го откри сè тоа тебе, нема никој способен и мудар како што си ти. Ти ќе бидеш управител на мојот дворец: сиот мој народ ќе им се покорува на твоите наредби. Единствено со престолот јас ќе бидам поголем од тебе.“ (Битие 41:39.40; Библија)
Од мрачната затворска ќелија, Јосиф бил унапреден за господар над целиот Египет. Тоа била положба со висока чест, но полна со тешкотии и опасност. На голема висина никој не може да стои без опасност. Како што олујните ветрови го оставаат скромното цветче во долината недирнато, а на врвовите на планините го корнат и најсилното дрво, така и оние коишто во скромниот живот ја докажале својата чесност, можат да бидат одвлечени во бездната токму преку оние искушенија коишто обично го следат световниот успех и овоземската благосостојба.
Но Јосифовиот карактер им одолеал на искушенијата, и на оние во тешките денови, и на оние во благосостојба. Тој искажувал иста верност кон Бога како во затворската ќелија, така и на фараоновиот двор. Секогаш се чувствувал како странец во таа незнабожечка земја, далеку од своите сродници коишто го почитувале вистинскиот Бог. Меѓутоа, тој цврсто верувал дека божествената рака ги насочувала неговите чекори, така што не престанувајќи да се потпира на Бога ги прифатил своите нови должности.
Преку Јосифа вниманието на фараонот и на египетските големци било насочено на вистинскиот Бог, и тие научиле да ги почитуваат начелата коишто се откривале во карактерот и животот на Божјите почитувачи.
Како успеал Јосиф да постигне таква цврстина на карактерот, таква исправност и мудрост? – Од своите најрани години повеќе се раководел според должноста отколку според личните склоности, така што чесноста, едноставната доверба и благородноста на детската природа го донеле својот род во постапките на зрелиот човек. Преку општењето со Бога, со посредство на Неговите дела и со верно внимание кон големите вистини доверени на наследниците на верата, била воздигната и облагородена неговата природа, а неговиот ум бил зајакнат и изострен подобро отколку што тоа можело да го направи било какво студирање. Верната совесност во сите должности и на секоја положба од најниската до највисоката во животот, ги развила сите негови способности за највисоката служба.
Кој живее во склад со волјата на Творецот, си обезбедува себеси најчист и најблагороден развиток на карактерот.