МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 март: Херои пред Бога)

„При мојата прва одбрана никој не беше со мене, туку сите ме оставија, нека не им се засмета тоа! Но Господ застана со мене, и ми даде сила, за да се исполни проповедањето преку мене, и да чујат сите народи; и се избавив од лавовската уста.“ (2 Тимотеј 4:16.17; Библија)

Павле пред Нерон – каква спротивност! Нерон горделиво стоел во сета своја царска сила и ненадминлива големина. Павле е доведен од ќелијата, без пари, без пријатели и без адвокат, сам да се брани и да се заложи за својот живот.

Лицето на свирепиот монарх го носело срамниот жиг на страст којашто беснеела од него; додека пак лицето на затвореникот одржувало спокојство во срцето коешто било во мир со Бога и со луѓето. Резултатите на два сосема спротивни системи на воспитување стоеле еден наспроти друг тој ден – живот на безгранично попуштање на сите телесни страсти, и живот на потполно самопожртвување. Овде биле претставниците на две животни теории – сеопфатна себичност којашто ништо на светот не смета за толку свето за да не би можело да се жртвува во задоволување на моменталните страсти и желби, и самопожртвувано поднесување, подготвено да го жртвува и самиот живот, ако тоа е неопходно, за доброто на другите.

Поротниците и судиите коишто присуствувале на многу судења и имале можност да гледаат многу злосторници, никогаш не виделе човек на чиешто лице се одржувало такво свето спокојство. Неговите зборови ја допреле струната којашто затреперила дури и во срцата на најокоравените. Вистината, изговорена јасно и убедливо, ги рушела упориштата на заблудата. Продорната светлина засветлила во умовите на мнозина, коишто покасно радосно ги следеле нејзините блескави зраци. На своите слушатели тој им укажал на жртвата којашто била поднесена за паднатиот човечки род. Залагајќи се така за вистината, верниот меѓу неверниците, лојалниот меѓу нелојалните, стоел како Божји претставник, а неговиот глас одѕвонувал како глас од небото. Во неговите зборови и поглед не можело да се забележи ниту страв, ниту тага, ниту обесхрабреност. Тие негови зборови како победнички извик одѕвонуваат над борбената врева и татнеж сѐ до нашите денови. Еве што вели сам за себе овој херој на верата: „Останувам со добра волја во: слабостите, навредите, неволјите, прогонувањата, притеснувањата заради Христа.“ (2-ро Коринтјаните 12:10; Библија)

Pin It on Pinterest