(продолжува од претходниот ден) Трипати Петар јавно се откажал од својот Господ и трипати Исус добил од него цврсто уверување за неговата љубов и приврзаност, упатувајќи му го тоа остро прашање како остра стрела на неговото рането срце. Пред собраните ученици Исус го открил длабокото покајание на Петар и покажал како коренито се понизил некогаш фаленичарскиот ученик.
Петар по природа бил брз и нагол па сатаната ги искористил овие особини да го обори. Непосредно пред паѓањето на Петар, Исус му рекол: „Ете, сатаната бара да ве просее како пченица, но јас се молев да не се намали твојата вера. А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа“ (Лука 22,31.32). Тоа време дошло и Петровата преродба била очигледна. Господовите непосредни прашања не предизвикале ниеден брз, самоуверен одговор, па поради својата понизност и покајание, Петар бил подобро од кога и да е приготвен да дејствува како пастир на стадото.
Прва работа што Христос му ја доверил на Петар, враќајќи го во таа служба, била да ги пасе јагнињата. Тоа била работа за која Петар имал малку искуство. Таа ќе бара голема грижа и нежност, многу трпение и истрајност. Бил повикан да им служи на оние што биле млади во верата, да ги поучува неуките, да им ги отвора Светите списи и да ги воспитува да бидат корисни во Христовата служба. До тогаш Петар не бил погоден да го прави тоа, па дури и да ја сфати неговата важност. Меѓутоа, сега Исус го повикал на ваква задача. Неговото лично искуство, како резултат на страдањето и покајанието, го приготвило за ова дело.
Пред својот пад, Петар секогаш зборувал непромислено, според моментните побуди. Секогаш бил готов да ги коригира другите и да го каже своето мислење пред јасно да се сфати себе си или она што треба да го каже. Меѓутоа, преобратениот Петар бил сосем поинаков. Тој го сочувал својот поранешен жар, но Христовата благодат ја контролирала неговата ревност. Не бил веќе експресивен, самоуверен и вообразен, туку благ, прибран и готов да учи. Тогаш можел да ги пасе јагнињата како и овците на Христовото стадо.
Начинот на постапување на Спасителот со Петар содржел поука за него и за неговите браќа. Тој ги поучувал со престапникот да постапуваат стрпливо, со сочувство и со љубов што проштава. Иако Петар се откажал од својот Господ, љубовта со која Исус се однесувал кон него никогаш не се поколебала. Токму таква љубов треба да чувствува и потпастирот кон овците и јагнињата што му се доверени на грижа. При помнувајќи си за своите слабости и за својот пад, Петар со своето стадо требало да постапува исто толку нежно како Христос што постапувал со него.
Прашањето што му го поставил Христос на Петар било значајно. Рекол: „Ме љубиш ли?“ и тоа го спомнал како единствен услов за учеништвото и за службата. Тоа е најосновниот услов. Иако Петар можел да поседува сè друго, сепак, без Христовата љубов не би можел да биде верен пастир на Господовото стадо. Знаењето, доброволноста, речитоста, благодарноста и ревноста сето ова може добро да помогне во работата, но без Исусова љубов во срцето, работата на христијанскиот проповедник е промашување.
Исус одел сам со Петар, зашто постоело нешто што сакал да му го каже само нему. Пред својата смрт, Исус му рекол: „Таму каде што одам јас, ти сега не можеш да дојдеш со мене, но подоцна ќе дојдеш.“ При тоа Петар одговорил: „Господе, зошто не можам да дојдам по тебе сега? Животот ќе го дадам за тебе“ (Јован 13,36.37). Кога го кажал ова, не знаел до каква височина и длабина ќе ги поведе овој пат Христовите нозе. Петар паднал кога дошло искушение, но пак добил можност да ја докаже својата љубов кон Христа. За да го засили за последниот испит на верата, Спасителот му ја открил неговата иднина. Му кажал дека по своето активно живеење, кога годините на животот ќе ја потрошат неговата сила, навистина ќе го следи својот Господ. Исус рекол: „Кога беше помлад се опашуваше сам и одеше каде што сакаше, но кога ќе остарееш, ќе ги рашириш рацете и друг ќе те опашува и ќе те води каде што не сакаш. А ова го рече назначувајќи со каква смрт ќе го прослави Бога.“ (продолжува)