(продолжува од претходниот ден) Прва Христова задача на земјата по воскресението била да ги осведочи своите ученици во својата ненамалена љубов и нежна грижа за нив. За да ги увери дека Тој е нивниот жив Спасител, дека ги скршил оковите на гробот и дека непријателот смртта не можела подолго да го задржи; за да им открие дека има исто срце полно со љубов, како и тогаш кога бил со нив како нивни сакан Учител, често им се јавувал. Сакал уште повеќе да ги стегне со врските на љубовта. Одете, кажете им на моите браќа, рекол Тој, да се сретнат со мене во Галилеја.
Кога слушнале за оваа средба, толку сигурно закажана, учениците почнале да размислуваат за Христовите зборови со кои го преткажал своето воскресение. Но сè уште не се радувале. Не можеле да се ослободат од своите сомневања и од збунетоста. Дури и кога жените изјавиле дека го виделе Господа, учениците не сакале да поверуваат. Сметале дека тие се измамени.
Како да се напластувале сè нови и нови неволји. Шестиот ден во седмицата виделе како нивниот Учител умрел; првиот ден следната седмица биле без неговото тело, обвинети дека го украле за да го измамат народот. Ја загубиле надежта дека кога и да е ќе се исправат лошите впечатоци што сè повеќе се зацврстувале против нив. Се плашеле од непријателството на свештениците и од гневот на народот. Копнееле за присуството на Исуса кој им помагал во секоја неволја.
Често ги повторувале зборовите: „А ние се надевавме дека Тој е Оној што ќе го избави Израел.“ Осамени и со тажни срца, си спомнувале за неговите зборови: „Ако се постапува вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото?“ (Лука 24,21; 23,31). Се состанале во Горната соба, се затвориле и ја обезбедиле вратата, свесни дека судбината на нивниот сакан Учител во секое време може да стане и нивна.
А за сето ова време можеле да се радуваат на сознанието дека Спасителот воскреснал. Марија стоела во градината и плачела додека Исус бил токму крај неа. Очите ѝ биле толку замаглени со солзи, што не можела да го препознае. А и срцата на учениците во толкава мера биле исполнети со болка, што не ѝ верувале на веста на ангелите или непосредно на Христовите зборови.
Колку денеска има такви кои сè уште постапуваат онака како што постапувале учениците! Колку многу има такви кои како Марија очајно извикнуваат: „Го зеле мојот Господ… и не знам каде го положиле!“ На колкумина би можеле да им бидат упатени зборовите на Спасителот: „Зошто плачеш? Кого го бараш?“ Стоел крај нив, но нивните очи, замаглени со солзи, не го распознаваат. Тој им зборува, но тие не разбираат.
О, кога наведената глава би можела да се исправи, кога очите би можеле да се отворат да го набљудуваат, кога ушите би можеле да го слушнат неговиот глас! „Одете бргу и кажете им на неговите ученици: ‘Воскресна од мртвите.’“ Наложете им да не го гледаат новиот гроб на Јосифа кој беше затворен со голем камен и запечатен со римски печат. Христос не е таму. Нека не го гледаат празниот гроб. Нека не тагуваат како луѓе што се без надеж и помош. Исус живее, и затоа што Тој живее, и ние ќе живееме. Од благодарните срца, од усните допрени со свет оган, нека одекне радосната песна: Христос воскресна! Тој живее за да посредува за нас. Фати се за оваа надеж и таа ќе ја држи душата како сигурна, проверена котва. Верувај и ќе ја видиш славата Божја!