(продолжува од претходниот ден) Тогаш се оддалечила дури и од ангелите, мислејќи дека мора да најде некого кој би можел да ѝ каже што е сторено со Исусовото тело. Во тој миг ѝ се обратил еден друг глас: “Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Со очи замаглени од солзи, Марија видела лик на некој човек и, мислејќи дека тој е градинарот, рекла: „Господине, ако си го однел ти, кажи ми каде си го положил и јас ќе го земам.“ Ако гробницата на овој богаташ е премногу почесно место за Исусовиот закоп, таа сама ќе се погрижи да пронајде место за него. Постоел гроб што Исус го испразнил со својот глас, гробот во кој лежел Лазар. Зар таму не би можела да пронајде место за закоп на својот Господ? Чувствувала дека во нејзината болка грижата за неговото драгоцено, распнато тело би ѝ донела голема утеха.
Меѓутоа, сега Исус со својот добро познат глас ѝ рекол: „Марија!“ Веднаш знаела дека Тој што ја ословил не бил странец и, свртувајќи се, го видела пред себе Христа жив. Во својата радост заборавила дека бил распнат. Потрчувајќи кон него, како да сакала да му ги прегрне нозете, рекла: „Рави!“ Но Христос ја подигнал раката, велејќи: Не задржувај ме, „зашто сè уште не сум појден горе кај Отецот. Туку оди кај моите браќа и кажи им: ‘Се враќам кај мојот Отец и вашиот Отец, кај мојот Бог и вашиот Бог.’“ Марија отишла кај учениците со радосната вест.
Исус одбил да прими почест од својот народ додека не добил гаранција дека Отецот ја прифаќа неговата жртва. Тој се вознел во небесните дворови и лично од Бога добил уверување дека неговата жртва на помирување за гревовите на луѓето е доволна, дека со неговата крв сите ќе можат да добијат вечен живот. Отецот го потврдил заветот што му го дал на Христа дека ќе ги прифати луѓето што се каат и што се послушни и дека ќе ги сака онака како што го сака својот Син. Христос требало да го заврши своето дело и да го исполни својот завет „човекот да вреди повеќе од претопено злато, повеќе од злато офирско“ (Исаија 13,12). Сета власт и на небото и на земјата му е дадена на Кнезот на животот, а Тој се вратил кај своите следбеници во светот на гревот за да може да им ја подари својата сила и слава.
Додека Спасителот бил во Божје присуство, примајќи дарови за својата Црква, учениците размислувале за неговиот празен гроб, тагувале и плачеле. Денот, кој за целото небо бил ден на радост, за учениците бил ден на неизвесност, ден на збрка и забуна. Нивната недоверба кон сведоштвото на жените покажува колку ниско паднала нивната вера. Вестите за Христовото воскресение толку се разликувале од она што го очекувале, што во тоа не можеле да веруваат. Биле премногу добри за да бидат вистинити, си мислеле тие. Слушале толку многу доктрини и самонаречени научни теории на садукеите, што впечатокот кој го примиле за воскресението бил маглив. Одвај знаеле што би можело да значи воскресение од мртвите. Биле неспособни да ја сфатат оваа голема вистина.
„Одете“, им рекле ангелите на жените, „и кажете им на неговите ученици, и на Петар, ‘Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе го видите, како што ви кажа.’“ Овие ангели биле со Христа како ангели чувари во текот на неговиот живот на земјата. Биле сведоци за неговото судење и распнување. Ги чуле неговите зборови упатени на учениците. Тоа се покажало во нивната вест упатена до учениците и истото требало да ги осведочи во нејзината вистинитост. Такви зборови можеле да потекнат само од весник на нивниот воскреснат Господ.
„Кажете им на неговите ученици, и на Петар“, рекле ангелите. Од Христовата смрт Петар бил притиснат со грижа на совеста. Неговото срамно откажување и погледот на Спасителот полн со љубов и болка, постојано биле пред него. Од сите ученици најмногу страдал. Дадено му е уверување дека неговото покајание е прифатено, а неговиот грев простен. Бил спомнат по име. „Кажете им на неговите ученици, и на Петар. Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе го видите.“ Сите ученици го напуштиле Исуса и повикот повторно да се сретнат со него ги опфатил сите. Тој не ги отфрлил. Кога Марија Магдалена им кажала дека го видела Господа, го повторила повикот за средба во Галилеја. И третпат им е пратена оваа вест. Откако се појавил пред Отецот, Исус им се јавил на другите жени велејќи: „Бидете поздравени! А тие пристапија кон него, му ги прегрнаа нозете и му се поклонија. Тогаш Исус им рече: ‘Не плашете се! Одете и јавете им на моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе ме видат.’“ (продолжува)