(продолжува) Одмаздата за која свештениците мислеле дека ќе биде слатка, им станала мошне горчлива. Знаеле дека се соочиле со остро народно неодобрување; знаеле дека токму оние што ги поттикнале против Христа, сега биле вџашени со нивното срамно дело. Овие свештеници се обидувале да веруваат дека Исус е измамник, но било напразно. Некои од нив стоеле крај гробот на Лазара и виделе како мртовецот се враќа во живот. Се треселе од страв дека Христос сам ќе се дигне од мртвите и дека повторно ќе се појави пред нив. Тие го чуле како изјавува дека има власт да го положи својот живот и повторно да го земе. Се сетиле и како рекол: „Урнете го овој храм и за три дена пак ќе го подигнам“ (Јован 2,19). Јуда им ги пренел зборовите што им ги упатил Исус на своите ученици за време на последното патување во Ерусалим: „Еве влегуваме во Ерусалим, каде што Синот човечки ќе им биде предаден на главарите свештенички и на закониците, и тие ќе го осудат на смрт и ќе им го предадат на паганите да му се изнаподбиваат, да го камшикуваат и да го распнат. Но Тој ќе воскресне третиот ден“ (Матеј 20,18.19). Кога ги слушнале овие зборови, се потсмевале и се подбивале. Но сега се сетиле дека досега се исполниле сите Христови преткажувања. Рекол дека третиот ден повторно ќе стане, и кој би можел да каже дека и ова нема да се исполни. Се обиделе да се ослободат од овие мисли, но никако не можеле. Како и нивниот татко, ѓаволот, верувале и се треселе.
Сега, кога престанало возбудувањето, на нивните умови им се наметнал Христовиот лик. Го гледале како стои мирен и достоинствен пред своите непријатели, поднесувајќи ги без никакво мрморење нивните подбиви и малтретирања. Сите настани од неговото судење и распнување повторно се враќале со непреодоливо осведочување дека Тој е Божји Син. Чувствувале дека во секое време може да се појави меѓу нив како Обвинет, но кој станал Тужител, осуден, но сега Судија, Убиен, но како Оној кој бара правда за својата смрт од страна на своите убијци.
Во саботата имале малку одмор. Иако никогаш не би го престапиле прагот на незнабошците, плашејќи се да не се осквернат, сепак одржале советување за Христовото тело. Смртта и гробот мора да го задржат Оној што тие го распнале. „Следниот ден, по денот за подготовка, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата и му рекоа: ‘Господару, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив рече: ‘Ќе воскреснам по три дни.’ Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му кажат на народот: ‘Воскресна од мртвите’, та последната измама да биде полоша од првата. А Пилат им рече: ‘Еве ви стража. Појдете и чувајте го како што знаете’“ (Матеј 27,62-65).
Свештениците дале упатства за обезбедување на гробот. Пред отворот е поставен голем камен. Преку овој камен поставиле јаже, прицврстувајќи ги краиштата за карпата и запечатувајќи ги со римски печат. Каменот не можел да се помести без да се скрши печатот. Стражата од стотина војници, поставена околу гробот, лесно можела да спречи секој непознат да се матка околу него. Свештениците сториле сè што можеле да го задржат Христовото тело таму каде што било положено. Тој бил толку сигурно запечатен во својот гроб, како да требало тука да остане за сите времиња.
Така се советувале и планирале слабите луѓе. Овие убијци воопшто не ја сфатиле залудноста на своите напори. Но Бог се прославил со нивното дејствување. Токму овие напори, вложени да се спречи Христовото воскресение, се најуверливи докази што го потврдуваат. Колку поголем бил бројот на војниците поставени околу гробот, толку посилно ќе биде сведоштвото дека Тој воскреснал. Стотици години пред Христовата смрт, Светиот Дух објавил преку псалмистот: „Зошто беснеат паганските народи, племиња коват залудни заговори? Цареви по земјата се креваат и владетели се здружуваат против Господа и против неговиот Помазаник… а Господ им се потсмева, се смее Тој што на небото царува“ (Псалм 2,14). Римските стражари и римското оружје биле немоќни да го задржат во гробот Господарот на животот. Се приближувал часот на неговото ослободување.