(продолжува од претходниот ден) Замолкнатите набљудувачи очекувале крај на оваа ужасна сцена. Сонцето повторно изгреало, но крстот сè уште бил обвиен со темнина. Свештениците и поглаварите погледнале надвор од Ерусалим и виделе како над градот и над низините на Јудеја се спуштил густ облак. Сонцето на правдата, Светлината на светот, го лишило некогаш омилениот град Ерусалим од своите зраци. Кон осудениот град биле насочени жестоки молњи на Божјиот гнев.
Одненадеж темнината се повлекла од крстот и Исус со јасен глас, сличен на труба, кој како да се одгласувал од сè што е создадено, извикнал: „Се сврши!“ „Оче, во твои раце го предавам мојот дух.“ Крстот го опкружила светлина, а лицето на Спасителот го огреала слава како Сонце. Ја приклонил главата на градите и умрел.
Среде ужасниот мрак, привидно напуштен од Бога, Христос ја испил до дно чашата на човечката болка. Во тие ужасни мигови се потпирал врз дотогаш дадените докази дека Отецот го прифаќа. Го познавал карактерот на својот Отец; ја сфатил неговата правда, неговата милост и неговата голема љубов. Со вера се потпирал врз Оној кого секогаш со радост го слушал. А кога исцело му се предал на Бога, се повлекло чувството на загуба на наклоноста на Отецот. Христос со вера извојувал победа.
Никогаш порано земјата не била сведок на таква сцена. Стаписано, мноштвото без здив го набљудувало Спасителот. На земјата повторно се спуштила темнина и се слушнал подмолен татнеж, како тежок грмеж. Се почувствувал силен земјотрес. Од потресот луѓето испопаѓале едни врз други. Настанала страшна бркотија и вчудовидување. Од околните гори скршени карпи со страшен татнеж се уривале во долините. Гробници се отворале и мртви станувале од своите гробови. Изгледало како цел свет да ќе се здроби во атоми. Свештениците, поглаварите, војниците, крвниците и народот, неми од ужас, лежеле на земја.
Кога од Христовите усни се оттргнал гласниот извик „Се сврши“, свештениците вршеле служба во храмот. Тогаш било време за вечерна жртва. Јагнето што го претставувало Христа доведено е да биде заклано. Облечен во својата симболичка и убава облека, свештеникот стоел со подигнат нож, како Аврам кога се подготвувал да го жртвува својот син. Народот внимателно набљудувал. Но земјата се тресела затоа што се приближувал сам Господ. Со звук на цепење невидлива рака ја искинала внатрешната завеса на храмот од горе до долу, изложувајќи го пред очите на мноштвото местото кое некогаш било исполнето со Божје присуство. На ова место се наоѓала Шекина. Овде Бог ја откривал својата слава над престолот на милоста. Никој, освен првосвештеникот, никогаш не ја подигнал завесата што го одделувала ова одделение од остатокот на храмот. Тој овде влегувал еднаш годишно за да изврши чистење на народните гревови. Но, ете, оваа завеса е раскината на два дела. Најсветото место на земното Светилиште ја загубило својата светост.
Настапил страв и бркотија. Свештеникот се приготвувал да ја заколе жртвата, но ножот испаднал од неговата изнемоштена рака и јагнето побегнало. Претсликата се исполнила во смртта на Божјиот Син. Принесена е големата Жртва. Патот кон светињата над светињите бил отворен. За сите е приготвен нов и животодавен пат. Грешниот, ујаден човечки род не морал повеќе да го чека доаѓањето на првосвештеникот. Од сега Спасителот ќе врши служба на свештеник и застапник на небото над небесата. Се чинело како жив глас да им проговорил на верните: Сега им дојде крај на сите жртви за гревот. Божјиот Син дојде според своите зборови: „Еве, доаѓам во книгата е напишано за мене да ја исполнам волјата твоја о Боже.“ „Влезе еднаш засекогаш во светињата над светињите… со својата сопствена крв и ни прибави вечен откуп“ (Евреите 10,7; 9,12).