МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(22 – 28 февруари: Излевање на Светиот Дух)
„И одненадеж стана шум од небото, како што дува силен ветер, и ја исполни целата куќа во која седеа. И тие сите се исполнија со Светиот Дух.“ (Дела Ап. 2:2-4; Библија)
Врз учениците коишто чекале и се молеле, Светиот Дух се спуштил во таква полнина што допрел до сите срца. Оној Којшто нема, ниту почеток, ниту крај ѝ се открил во голема сила на Својата Црква.
Тоа се случило како таа сила со векови да била задржувана, и како небото сега да се радува што на Црквата може да излие изобилство на благослови преку Светиот Дух.
Излевањето на Светиот Дух во полнина, во деновите на апостолите, го претставувало „раниот дожд“, и резултатите на тој чин биле величествени. Но „позниот дожд“ ќе биде уште поизобилен.
Светиот Дух со Своето присуство ќе биде сила на вистинската Божја Црква сѐ до крајот.
Меѓутоа, пред крајот на земската жетва ветено е посебно излевање на духовни благодети за Црквата да се припреми за доаѓањето на Синот Човечки.
Тоа излевање на Духот се споредува со позниот дожд. Токму за таа додатна сила, христијаните треба да ги упатуваат своите молитви кон Господарот на жетвата, „во времето на позниот дожд“. Како одговор на нивните молитви, „Господ ќе пушти молњи и ќе им даде изобилство дожд“.
Само оние коишто примаат свежо изобилство на духовни благослови ќе располагаат со силата која ќе биде во сразмер со нивните секојдневни потреби, и способност да ја искористат таа сила.
Наместо во иднина да очекуваат некое посебно време кога со посебен дар на духовна сила ќе ја примат чудесната оспособеност за придобивање на душите, тие секојдневно Му се предаваат на Бога за да ги направи погодни садови за Негова употреба. Тие ја користат секоја можност што ќе им се даде за работа, и верно сведочат за Учителот каде и да се наоѓаат, во некој скромен делокруг, во куќа или на полето на јавните дејности.