МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(15 – 21 февруари: Плодови на Светиот Дух)
„Добриот добива милост од Господа.“ (Пословици 12:2; Библија)
Вистинската добрина небото ја цени како една вистинска големина. Моралните својства на еден човек ја одредуваат неговата вистинска вредност, достоинство и корисност. Една личност може да поседува богатство, интелектуални способности и други својства, а сепак да биде потполно бескорисна, затоа што блескавиот пламен на добрината никогаш не бил запален на олтарот на нејзиното срце.
Добрината е резултат на божествената сила која ја преобразува човечката природа. Верувајќи во Христа, припадниците на паднатиот човечки род, коишто Тој ги искупил со Својата крв, можат да имаат вера која делува преку љубовта и ја чисти душата од секаква нечистотија. Тогаш во душата се појавуваат особини слични на Христовите; затоа што луѓето, гледајќи постојано во Христа, стануваат слични на Неговиот лик, и во развојот на христијанскиот карактер се менуваат од слава во слава. Тие донесуваат добри плодови.
Крактерот на верникот се обликува според угледот на божествениот, а чесноста, исправноста и вистинската добрина можат да се забележат кај припадниците на грешниот човечки род. Секое човечко суштество мора да помине низ процес на проверка и искушување. Господ сака да нѐ провери и да нѐ искуша, за да види дали ќе бидеме добри и дали ќе правиме добро во овој живот, да види дали ќе може да ни го довери непоминливото богатство и да нѐ направи членови на Своето царско семејство, деца на небесниот Цар.
Нема граници на доброто влијание коешто можете да го извршите, и на доброто што можете да го направите. Ако Божјата Реч ви стане правило на животот, ускладувајќи ги своите постапки со нејзините прописи, правејќи сѐ што можете во вршењето на своите должности да им служите на благослов на другите, вашите напори ќе бидат крунисани со успех. На таков начин вие одржувате непрекината врска со Бога и станувате канали преку кои Тој ја пренесува Својата светлина на другите.
Голема е честа да се биде Христов соработник; и нема поголемо признание и пофалба што можете да го добиете од она благословено добредојде што на крајот ќе се слушне од Неговите усни: „Добро, добар и верен слуго, влези во радоста на својот Господар!“ (Матеј 25:23; Библија)