МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(15 – 21 февруари: Плодови на Светиот Дух)
„А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта.“ (Римјаните 15:13; Библија)
Христос е цврсто решен на секоја душа што ѝ се покорува на Неговата Реч да ѝ ја подари Својата радост, Својот мир и постојано да ја одржува во верата со Својата сила. Таквите луѓе чувствуваат дека Тој ги привлекува и секогаш се во Негова близина, не само кога коленичат пред Него во молитва, туку и кога ги извршуваат своите секојдневни животни должности и работи. Тој за нив подготвува трајно пребивалиште каде Тој ќе биде лично со нив, каде животот е чист од сѐ што е осквернавено и неубаво. Таквите, со непрекинато одржување на врска во молитва, ќе соработуваат со Него во текот на целиот свој живот.
Не е возможно да се опише со зборови мирот и радста на оној што има доверба во Бога и во Неговата Реч. Него искушенијата не можат да го вознемират, ниту пак било какви омаловажувања да го растреперат. Сопственото „јас“ е распнато во Него. Неговите должности и обврски можеби од ден на ден ќе стануваат сѐ потешки, искушенијата сѐ посилни, а нападите сѐ почести, но тој не се колеба и не се залетува, затоа што прима сила која потполно ги задоволува неговите потреби.
Оние коишто се учат крај Христовите нозе, со своето однесување и карактер верно ќе го одржуваат Христовиот карактер. Нивното искуство нема да биде пропратено со вознемиреност и возбуда, туку со потчинетост и радост, полно со почит. Нивната љубов кон Христа е тивка, мирна, а сепак претставува сила којашто владее со целото битие. Светлината и љубовта на Спасителот, Кој пребива во нив, се манифестира во секој збор и во секоја постапка.
Имаше денови кога Божјите благослови се излеваа како одговор на секоја молитва, така што, кога некој друг влегувал во куќата, само што ќе го пречекорел прагот, восхитено би воскликнал: „Овде е Господ!“ Уште ни збор не бил проговорен, а благословеното влијание на светото Божјо присуство во просторијата веќе приметно се чувствувало. Се чувствувала онаа радост која само Христос може да ја донесе, и во таквото расположение Неговото присуство во просторијата се чувствувало токму така како, кога пешачел по улиците на Ерусалим, или кога се појавил пред Своите ученици во Горната соба, велејќи: „Мир вам!“ (Јован 20:19; Библија)