(продолжува од претходниот ден) Сега нема повеќе прашања. Нема сомневање, ниту прекор. Кога е осуден за своето злосторство, овој престапник паднал во очај и безнадежност; но сега се разбудиле необични, благородни мисли. Си спомнувал за сè што чул за Исуса како исцелувал болни и проштавал гревови. Ги слушал зборовите на оние што верувале во Исуса и што плачејќи го следеле. Го видел и го прочитал натписот над главата на Спасителот. Чул како поминувачите го повторуваат, некои во жалост со треперливи усни, а други во шега и со потсмев. Светиот Дух го расветлил неговиот ум и малку по малку доказите се соединиле. Во Исуса, ранет, исмеван и распнат, го видел Божјето Јагне кое ги зело гревовите на светот. Кога оваа беспомошна душа што умирала му се предала на Спасителот кој умирал, во нејзиниот глас била помешана надеж со болка . „Исусе“, извикнал, „сети се за мене кога ќе дојдеш во твоето царство.“
Одговорот бргу стигнал. Гласот бил благ и милозвучен, а зборовите полни со љубов, со сожалување и сила: „Вистина ти велам денес, ќе бидеш со мене во рајот.“
Во текот на долгите часови на претсмртните маки до Исусовите уши допирале подбиви и исмевања. Додека висел на крстот, до него сè уште допирале гласови полни со подбиви и пцости. Со копнеж во срцето очекувал некој израз на вера од своите ученици. Ги слушнал само жалосните зборови: „А ние се надевавме дека Тој е оној што ќе го ослободи Израел.“ Колку благодарен бил Спасителот за изразот на верата и љубовта на овој разбојник што умирал! Додека водачите на Евреите се откажувале од него, па дури и учениците се сомневале во неговото божество, кутриот разбојник, на работ на вечноста го нарекол Исуса Господ. Мнозина биле готови да го наречат Господ додека правел чуда и откако станал од гробот, но никој, освен разбојникот што се покајал и бил спасен во единаесет часот, не го признавал додека висел и умирал на крстот.
Набљудувачите чуле кога разбојникот Исуса го нарекол Господ. Бојата на гласот на човекот што се каел го привлекла нивното внимание. Оние што во подножјето на крстот се карале околу Христовата облека и што фрлале ждрепка за неговата долама, застанале за да слушнат. Стивнале нивните лути гласови. Со запрен здив го гледале Христа и очекувале одговор од тие усни што умирале.
Додека го изговарал ветувањето, низ темниот облак што го обвил крстот се пробила сјајна и незапирлива светлина. Разбојникот што се каел доживеал совршен мир и сигурност дека Бог го прифаќа. Во своето понижување Христос бил прославен. Тој, кој во очите на сите изгледал како да е победен, бил победник. Бил признат како Оној што ги понел гревовите. Луѓето можат да го мачат неговото човечко тело. Тие можат да ги ранат неговите слепоочници со трнов венец. Можат да му ја соблечат облеката и да се препираат околу неа. Но не можат да му ја одземат силата да ги проштава гревовите. Со умирањето дал сведоштво за својата божествена природа и за славата на Отецот. Неговото уво не отежнало за да не може да чуе, ниту неговата рака се скусила за да не може да спаси. Негово царско право е да ги спаси до последен сите кои преку него доаѓаат кај Бога.
„Навистина ти кажувам денеска, ќе бидеш со мене во рајот.“ Христос не ветил дека разбојникот тој ден ќе биде со него во рајот. Тој ден Исус не отишол во рајот. Спиел во гробот, а во муграта на воскресението рекол: „Зашто сè уште не сум појден горе кај Отецот“ (Јован 20,17). Меѓутоа, на денот на распнувањето, на денот на привидниот пораз и темнина, дадено е ветувањето: „Денеска!“ Додека умира на крст како злосторник, Христос уверува еден грешник: „Ќе бидеш со мене во рајот“.
Разбојниците што се распнати со Исуса се поставени од едната и од другата страна, а Исус во средината. Тоа е сторено по упатство на свештениците и поглаварите. Христовата положба меѓу разбојници требало да покаже дека Тој е најголем злосторник меѓу овие тројца. Така се исполнило Писмото: „Беше ставен меѓ у злосторници“ (Исаија 53,12). Меѓутоа, целосната смисла на своето дело свештениците не ја виделе. Како Исус што е распнат со разбојници и ставен „во средина“, така и неговиот крст е поставен среде светот кој лежи во грев. Прошталните зборови упатени до разбојникот кој се кае запалиле светлина што ќе свети до најдалечените краишта на земјата.
Ангелите со восхит ја набљудувале бесконечната љубов на Исуса кој, поднесувајќи најголеми претсмртни маки на умот и телото, мислел само на другите и ја издигнувал верата на душата која се кае. Во своето понижување, како пророк им се обратил на ќерките ерусалимски; како свештеник и застапник го молел Отецот да им прости на неговите убијци; како Спасител, полн со љубов, му ги простил гревовите на разбојникот кој се каел. (продолжува)