МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 јануари: Семејното богослужение во мојот живот)

„И Аврам му направи жртвеник на Господа, Кој му се јави. Оттаму се премести кон ридот, што е на исток од Ветил. Таму го оптегна својот шатор. И таму му направи жртвеник на Господа и го повика Господовото име.“ (Битие 12:7.8; Библија)

Животот на Аврам, пријателот Божји, бил навистина живот на молитва. Каде и да ги поставувал своите шатори, тој во непосредна близина на шаторите подигал и жртвеник на којшто секое утро и секоја вечер принесувал жртва. Кога ги кревал своите шатори и продолжувал понатаму, жртвеникот останувал. И кога подоцна некој од номадските Хананеи би наишол на таков жртвеник, веднаш знаел кој бил пред него на тоа место; и кога се случувало тука да ги подигне своите шатори, номадот веднаш го поправал жртвеникот и тука Му се молел на Бога.

Така треба и христијанските домови денес да светлат во светот. Татковци и мајки, собирајте ги секое утро и секоја вечер своите деца околу себе, и со понизно срце упатувајте Му ги на Бога своите молитви за помош. Вашите мили секој ден се изложени на искушенија и опасности. Од тоа не се поштедени ниту младите, ниту старите. Оние коишто сакаат да бидат според Божјата волја, мораат многу да Му се молат на Бога. Победата може да се извојува само со решителност, непоколебливост, постојана будност и со непрекинато примање на помош од Бога.

Родители, секое утро посветете Му се себеси и своите деца на Бога за тој ден. Не калкулирајте со своите планови за месеци и години однапред, тоа не е ваше. Пред вас е само еден ден. Ако тоа треба да биде вашиот последен ден на земјата, искористете го секој негов момент во работа за Учителот. Сите свои планови изнесете ги во молитва пред Бога, подготвени да ги спроведете или пак да ги напуштите, онака како што Тој ќе одреди во своето провидение. Прифатете ги Неговите планови наместо своите, дури и тогаш ако тоа бара отстапување од вашите најдраги стремежи. На тој начин својот живот сѐ повеќе и повеќе ќе го сообразувате според божествениот Пример. Благословените плодови на таквите семејни богослуженија ќе се откријат само во вечноста.

Pin It on Pinterest