МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(18 – 24 јануари: Библијата во мојот живот)
„Ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во својата слава.“ (Псалм 73:24; Библија)
Очевидни докази за христијанството, токму онакви какви што нам ни се потребни, не наоѓаме во искуствата на луѓето, туку во нашата Библија. Божјото слово упатено на човекот треба да биде наш советник, затоа што тоа, поминувајќи до нас вековен и милениумски пат, ни донесува непроменливо сведоштво за вистината. Ниедна од дамнешните одбрани на Божјото слово, дадени за одреден временски период, со времето не изгубило ништо од својата сила. Ниеден дел од Светото Писмо – Библијата не станал мртов и неупотреблив поради својата голема старост. Целокупната историја на Божјиот народ од минатото треба и ние денес да ја проучуваме, за да можеме да се користиме со забележаните искуства.
Луѓето го погазуваат својот збор и се покажуваат недостојни за доверба, но Бог не се менува, Неговото слово останува непроменливо засекогаш. Дајте му на Божјото слово почесно и водечко место во својот дом. Земајте го Светото Писмо како советник во секоја своја тешкотија и како критериум во секоја постапка. Вистински напредок и среќа не може да има ниту во душата, ниту во семејниот круг ако Божјата вистина, Неговата мудрост и правда не завземат прво место. За да тргнеме по животниот пат онака како што треба и за сигурно да стигнеме на целта, на сите ни е потребен водич, како што на морепловецот му е неопходен пилот за да може со сигурност да го спроведе својот брод помеѓу опасните гребени и подводни карпи.
Морепловецот којшто поседува и карта и компас, а сепак занемарува да ги искористи како што треба, сноси одговорност на таков начин што ги изложува на опасност животите на оние кои што му се доверени. Со неговата немарност може да се случи сите патници на бродот да бидат изгубени. Ние имаме сигурен водич – тоа е Божјото слово – Библијата, и нема да имаме никаков изговор ако застраниме од патот, затоа што сите упатства ни се многу јасно дадени.
Библијата ни го прикажува совршеното мерило на карактерот, таа е непогрешлив водич под сите околности, и тоа до самиот крај на животниот пат.