(продолжува од претходниот ден) Од секоја страна на колата од облак се наоѓаат крилја, а под нив живи тркала, и штом колата ќе крене, тркалата викаат: „Свет“, и крилјата додека се движат, викаат: „Свет“, и придружбата на ангелите вика: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот!“ И додека колата се движи кон новиот Ерусалим, избавените извикуваат: „Алелуја!“
Пред да влезат во светиот град, Спасителот своите следбеници ги чести со победнички признанија и ги облекува во знаци на царско достоинство. Околу нивниот Цар, чијашто величествена става е многу повисока од ставата на светите и на ангелите, а лицето му зрачи неискажлива љубов, се поставени сјајни редови во вид на празен четириаголник. Секој поглед на ова безбројно мноштво спасени е насочен кон него; секое око ја гледа славата на Оној чиешто лице „беше нечовечки обезобразено та не личеше повеќе на човек“ (Исаија 52,14). На главата на секој победник Исус со својата десница става славна круна што го носи неговото лично „ново име“ (Откровение 2,17) и натпис: „Посветен на Господа!“ На секоја рака ѝ се дава победничка палма и блескотна харфа. А потоа, на знак на ангелот кој дава интонација, секоја рака вешто свири на жиците на харфата, измамувајќи од нив слатка музика, богати и мелодични акорди. Секое срце трепери од неискажлива милина, и секој глас се слева во заедничка песна на благодарност: „Нему, кој нè љуби и кој нè ослободи од нашите гревови преку својата крв, и нè направи царство, свештеници на својот Бог и Отец нему слава и власт во вечни векови! Амин“ (Откровение 1,5.6).
Пред спасените стои светиот град. Исус ширум ја отвора бисерната порта, и народот што ја одржал вистината влегува во него. Таму тие го гледаат Божјиот рај, татковината на Адама додека уште не згрешил. Тогаш се слуша глас, почудесен од секоја музика што кога и да е слушнало смртното уво: „Вашата борба е завршена!“ „Дојдете, благословени од мојот Отец, примете го царството што ви е приготвено од создавањето на светот.“
Сега се исполнува молитвата на Спасителот за своите ученици: „Сакам и оние што си ми ги дал да бидат со мене каде што сум јас.“ Христос му ги претставува на Отецот откупените со својата крв, „без грев и без мана… пред својата слава во радост“, и вели: „Еве ме мене и децата што ми ги даде.“ „Оние што ми ги даде ги сочував!“ О прекрасна спасоноснаљубов! О каква радост кога вечниот Отец, гледајќи ги откупените, пак ќе го види својот лик, кога ќе види дека е отстранета нехармонијата што ја предизвикал гревот, кога неговото проклетство е избришано и човекот пак е доведен во целосна хармонија со Бога!
Со неискажлива љубов Исус ги поздравува своите верни во „радоста на нивниот Господар“; радоста на Спасителот се состои во тоа што во царството на славата ги гледа душите кои се спасени со неговото страдање и понижување. А откупените ќе учествуваат во неговата радост кога меѓу спасените ќе ги видат оние што ги задобиле за Христа со своите молитви, со својот труд и пожртвувана љубов. Собрани околу големиот бел престол, нивните срца ќе бидат исполнети со неискажлива радост кога ќе ги видат душите што ги задобиле за Христа и кога ќе видат дека тие задобиле други, а овие пак други, и сите се доведени во пристаништето на мирот, тука да ги положат своите круни пред Исусовите нозе и да го слават во бесконечните времиња на вечноста.
Кога спасените ќе бидат поздравени со добредојде во Божјиот град, низ воздухот се разнесува радосен извик на восхит и слава на Бога. Сега се сретнуваат првиот и вториот Адам. Божјиот Син стои со раширени раце да го пречека таткото на нашиот род суштеството што го создал Тој, што згрешило против својот Творец и поради чијшто грев Спасителот ги носи знаците на распнувањето. Кога Адам ќе ги забележи трагите од страшните клинови, тој не паѓа на градите на својот Господ, туку понизно се фрла пред неговите нозе, извикнувајќи: „Достојно, достојно е Јагнето што е заклано!“ Спасителот нежно го подига и го повикува повторно погледот да го насочи кон Едем од кој толку долго бил истеран.
По неговото изгнанство од Едем, животот на Адама на земјата бил исполнет со тага. Секој овенат лист, секоја принесена жртва, секое несовршенство во природата, која некогаш била толку убава, секоја дамка во човековиот карактер, постојано го потсетувале на неговиот грев. Страшна била болката на каење кога видел како беззаконието се умножува, и кога упатувал опомени добивал како одговор само прекор дека тој го предизвикал гревот. Речиси илјада години со стрплива понизност ја поднесувал казната на својот престап. Искрено се каел за својот грев и се потпирал врз заслугите на ветениот Спасител и така умрел со надеж во воскресение. Божјиот Син го откупил човековиот неуспех и пад, и сега Адам, исчистен од гревот, пак ја добива својата прва власт. (продолжува)