(продолжува од претходниот ден) „Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозјата, макар маслината и да откаже, и полињата да не дадат плод, макар и стадото да е истребено од трлото, и да нема говеда во оборите, јас и тогаш ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение“ (Авакум 3,17.18).
„Господ бдее над тебе, Господ ти е заклон оддесно; сонцето нема да ти наштети дење, ниту месечината ноќе. Од секакво зло ќе те чува Господ. Тој ќе бдее над твојот живот.“ „Тој ќе те избавува од стапици и од смртоносни болести; со своите крилја ќе те покрива, со неговите крилја ќе те засолнува, а неговата верност ќе ти биде штит и одбрана. Нема да те плашат старвотиите на ноќта, ниту стрелата што преку денот лета, ниту чумата што во мракот коси, ниту пак поморот што на пладне пустоши. Ќе паѓаат илјадници покрај тебе, и десетици илјади оддесно, но до тебе нема да допре! Само со свои очи ќе гледаш и казната на безбожниците ќе ја набљудуваш. Ако Севишниот ти е прибежиште Господ, моето засолниште никакво зло нема да те порази, несреќа до твојот дом нема да се доближи“ (Псалм 121,57; 91,3-10).
Сепак, од човечка гледна точка, се чини дека Божјиот народ наскоро ќе мора да го запечати своето сведоштво со крв, како некогаш што го сториле тоа мачениците. Лично Божјиот народ ќе почне да се плаши мислејќи дека Бог го оставил да падне во рацете на своите непријатели. Тоа е време на ужасен душевен страв. Дење и ноќе ќе пекаат пред Бога за избавување. Грешните ќе ликуваат и со презир ќе им довикуваат: „Каде е сега вашата вера? Зошто сега Бог не ве ослободи од нашите раце ако навистина сте негов народ?“ Но тие што чекаат, ќе се сетат како поглаварите свештенички и старешините подбивно му довикувале на Исуса кога умирал на крстот на Голгота. „Спасуваше други, а не може да се спаси себеси. Ако е Тој цар јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе му поверуваме“ (Матеј 27,42). Како и Јаков, сите тие ќе се борат со Бога. Нивните лица ќе ја покажуваат нивната внатрешна борба. Сите лица ќе побледат, но тие нема да престанат со своите сериозни молитви.
Кога луѓето би можеле да гледаат со небесни очи, би виделе чети силни ангели како ги опкружуваат оние што ја одржале речта на Христовото трпение. Со нежност полна со сочувство, ангелите ги гледаат нивните неволји и ги слушаат нивните молитви. Тие чекаат заповед од својот Заповедник да ги истргнат од опасностите. Но треба да чекаат уште малку. Божјиот народ мора да ја испие чашата и да биде крстен со страдалничко крштавање. Токму ова мачно одложување е најдобар одговор на нивната молба. Додека се трудат со сигурност да го чекаат Господа Тој да работи, тие со тоа ја засилуваат својата вера, својата надеж и трпение, што во својот религиозен живот многу малку го правеле. Но заради избраните, ќе се скрати времето. „Та нема ли Бог да ги заштити своите избраници кои го повикуваат дење и ноќе, и ќе ги остави ли долго да чекаат? Ви велам, брзо ќе ги заштити“ (Лука 18,7.8). Крајот ќе дојде побргу отколку што го очекуваат луѓето. Пченицата ќе се собере и ќе се врзе во снопови за Божјите амбари, а каколот ќе биде собран за оган на уништување.
Верни на својата должност, невидливите стражари и понатаму стражарат. Иако со сеопшта наредба ќе биде утврдено време кога треба да се истребат сите што ги држат Божјите заповеди, сепак, нивните непријатели во некои случаи и предвреме ќе се обидат да им го одземат животот. Но никој не ќе може да помине меѓу силните чувари кои ја пазат секоја верна душа. Некои, бегајќи од градовите и селата, ќе бидат нападнати, но мечевите што ќе се подигнат против нив ќе се скршат и ќе паднат на земјата како сламки. Други ангелите ќе ги штитат како видливи борци.
Бог во сите времиња му помагал на својот народ и го ослободувал преку своите свети ангели. Небесните суштества секогаш имале живо учество во животот и во работата на луѓето. Ангелите се појавувале во облека што блескотела како молња или доаѓале облечени како патници. Тие им се јавувале во човечка лика на Божјите луѓе. На пладне се одморале под дабја како да се уморни, прифаќале гостопримство на човечките домови. Ноќе како водичи им служеле на задоцнети патници. Со свои раце палеле оган на олтар. Отворале врати на затвори и изведувале на слобода Божји слуги. Наметнати со небесен сјај дошле да го отстранат каменот од гробот на Спасителот. (продолжува)