(продолжува од претходниот ден) Христос дошол да го спаси Ерусалим и неговите деца, но фарисејската горделивост, нивното лицемерство, љубомора и злоба, го спречиле да ја оствари својата намера. На Исуса му била позната страшната одмазда што ќе се урне врз осудениот град. Го видел Ерусалим опколен со војска, опседнатите жители како умираат од глад, мајките што ги јадат лешевите на своите деца, родителите и децата како си го отимаат последниот залак храна едни од други, природните чувства уништени со разурнувачките чувства на гладот. Видел дека тврдокорноста, откриена во отфрлањето на неговото спасение, ќе ги наведе Евреите да одбијат да ѝ се покорат на освојувачката војска. Ја набљудувал Голгота на која ќе биде распнат, густо покриена со крстови како шума со дрвја. Ги видел кутрите жители како страдаат на справи за мачење и распнати на крст, прекрасните палати разурнати, храмот во урнатини, од чии што масивни ѕидови не останал ни камен на камен, додека градот бил преоран како поле. Спасителот навистина морал да липа во душевни маки гледајќи ја таа страшна сцена.
Ерусалим бил негово дете галениче, и како еден нежен татко што тагува заради загубениот син, така и Исус плачел над саканиот град. Како можам да те дадам? Како можам да те гледам препуштен на пропаст? Морам ли да те пуштам да ја наполниш чашата на своето беззаконие?
Една душа има толкава вредност, што во споредба со неа световите стануваат безначајни; но овде требало да биде погубен цел еден народ. Кога сонцето што брзо заоѓало ќе се загуби од видикот, ќе заврши и денот на милоста за Ерусалим. Додека поворката се задржувала на Маслинската гора, за Ерусалим уште не било предоцна да се покае. И тогаш, ангелот на милоста ги склопил крилјата и слегол од златниот престол за да ѝ го отстапи местото на правдата и на осудата што бргу настапувала.
Меѓутоа, Христовото големо срце на љубовта сè уште се молело за Ерусалим кој ја презирал неговата милост, кој ги омаловажувал неговите опомени и забрзано се готвел своите раце да ги натопи со неговата крв. Само кога Ерусалим би сакал да се покае, сè уште не би било предоцна. Додека храмот и кулите се милувани од последните зраци на сонцето што заоѓало нема ли некој добар ангел да го поведе кон љубовта на Спасителот и да ја спречи неговата пропаст? Прекрасен, но грешен граде, кој ги каменуваше пророците, кој го отфрли Божјиот Син, кој со својата окоравеност самиот себеси се спушти во окови на ропство, твојот ден на милоста речиси е при крај.
Сепак, Божјиот Дух повторно му проговорил на Ерусалим. Пред да помине денот, за Христа е дадено уште едно сведоштво. Се подигнал глас на сведок, одговарајќи на пророчкото минато. Ако Ерусалим го чуе повикот, ако го прифати Спасителот кој влегува низ неговите капии, сè уште може да биде спасен.
До поглаварот стигнала вест дека кон градот се приближува Исус, придружуван од големо мноштво. Но за Божјиот Син тие немале добредојде. Во страв му излегле во пресрет, надевајќи се дека ќе го растераат мноштвото. Кога поворката почнала да слегува од Маслинската гора, поглаварите ѝ го пресекле патот. Се распрашувале за причината на толку бучната радост. Кога прашале: „Кој е Овој?“ учениците, инспирирани од Духот, дале одговор на ова прашање. Со уверлив тон ги повторувале пророштвата што се однесуваат на Христа:
Ќе ви каже Адам: Тоа е потомокот на жената кој ќе ѝ застане на главата на змијата.
Прашајте го Аврама, па ќе ви каже: Тој е „Мелхиседек, Салимски“, Царот на мирот (1. Мојсеева 14,18).
Ќе ви каже Јаков: Тоа е Оној на кого му припаѓа „палката владеачка“, „од племето на Јуда“.
Ќе ви каже Исаија: „Емануел“, „Прекрасен, Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 7,14; 9,6).
Ќе ви каже Еремија: Никулецот на Давида, „Господ правда наша“ (Еремија 23,6).
Ќе ви каже Даниел: Тој е помазаникот Месија.
Ќе ви каже Осија: Тој е „Господ Бог над војските неговото име е Господ“ (Осија 12,6).
Ќе ви каже Јован Крстителот: Тој е „Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29).
Големиот Јехова објавил од својот престол: „Ова е мојот мил Син, кој е по мојата волја“ (Матеј 3,17).
Ние, неговите ученици, изјавуваме: Ова е Исус, Месија, Кнезот на животот, Откупителот на светот.
А го признава и кнезот на силите на темнината, изјавувајќ и: „Знам кој си ти, Божји светец“ (Марко 1,24). 579