МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 ноември: И јас можам да станам победник)

„Зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови ќе бидеш осуден.“ (Матеј 12:37, Библија)      

Кога задачата која ви е доверена ја извршувате без кавга и критика на сметка на другите, вашата работа ќе биде пропратена со слобода, светлост и сила што ќе му дава одбележје и влијание на она за што се залагате.

Имајте на ум дека никогаш не сте во поволна ситуација кога сте со намрштено чело и кога товарот што го носите го изнесувате на секоја душа која ќе ви се приближи. Ако му подлегнете на искушението да ги критикувате другите, да укажувате на нивните грешки и да го обезвреднувате она што тие го направиле, можете да бидете сигурни дека својот дел не сте го извршиле благородно и добро.  

Сега е време кога секој човек на одговорна положба и секој член на заедницата, секоја своја постапка треба да ја доведе во склад со учењата на Божјото Слово.

Со неуморна будност, со силни молитви, говорејќи како што говорел Христос и постапувајќи онака како што треба, да му покажеме на светот какви треба да бидат членовите на Божјата заедница.     

Христос се понизил за да застане на чело на човечкиот род за да им се спротивстави на искушенијата и нападите преку кои луѓето мораат да поминуваат. Морал од искуство да осознае како паднатиот непријател ги напаѓа луѓето, за да знае како да им притекне во помош на оние кои се во искушение.     

На Христа му е дадено да биде наш Судија. Таткото нема да суди, ниту ангелите. Ќе ни суди Оној Кој на Себе ја зел човечката природа и на овој свет живеел совршен живот. Само Тој може да ни биде судија. На ниту еден од нас не му е дадено да им суди на другите. Сѐ што можеме ние да направиме е да се дисциплинираме себеси.   

Карактерот којшто треба да го изградиме треба да биде сличен на Христа. Господ нека ни помогне да умреме за своето „јас“, наново да се родиме, за Христос да може да живее во нас, давајќи ни преку живото начело сила што ќе нѐ одржува свети.

Pin It on Pinterest