МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(15 – 21 ноември: Оние што ќе победат)
„Вистина ви велам, меѓу родените од жена не се подигнал поголем од Јован Крстител.“ (Матеј 11:11; Библија)
Високите стебла од трска коишто растеле покрај Јордан, повивајќи се на секое ветре, биле верна слика на рабините коишто стоеле како критичари и судии на Јовановата задача. Нив, час во еден правец, час во друг правец, ги повивале ветровите на популарното народно мислење. Не сакале да се понизат и да ја прифатат пораката на Јована којашто ги испитувала срцата, па сепак, поради страв од народот немале храброст отворено да ѝ се спротивстават на неговата работа.
Меѓутоа, овој Божји весник не бил со така плашлив дух. Мноштвото коешто се собирало околу Христа било сведок на Јовановата работа. Сите ја слушнале неговата неустрашлива осуда на гревот. На самоправедните фарисеи, на садукеите, на царот Ирод и на неговите луѓе, на книжниците и на војниците, на цариниците и на селаните, на сите Јован им зборувал со подеднаква отвореност. Тој не бил трска која се лула, повивајќи се пред ветровите на човечкото воздигање или предрасуди. Во занданата бил ист во својата верност кон Бога и во ревнувањето за правдата, како и кога ја проповедал Божјата порака во пустината. Во својата верност кон начелата бил цврст и непоколеблив како карпа.
При најавувањето на Јовановото раѓање, ангелот му рекол на Захарија: „Ќе биде голем пред Господа.“ (Лука 1:15; Библија) Што е тоа, според проценката на небото, што ја сочинува вистинската големина? Не е она што светот го смета за големина, не е богатството ниту положбата, или благородното потекло или интелектуалните дарови сами по себе. Моралната вредност е она што Бог го цени. Љубовта и чистотата се особините што Тој најмногу ги вреднува. Во Господовите очи Јован бил навистина голем кога пред претставниците на Синедрионот, пред народот и пред своите ученици се воздржал од барање на почести за самиот себе, укажувајќи притоа на Исуса како на Ветениот. Неговата несебична радост, искажана во службата за Христа, претставува највозвишена благородност којашто било кога била откриена во еден човек.