МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 ноември: Победа во судир со злото)

„Ете, идам скоро! Држи го цврсто она, што го имаш, за никој да не ја земе твојата круна.“ (Откровение 3:11; Библија)

Одлуката донесена во еден момент може засекогаш да ја утврди вечната судбина. Но имајте на ум дека треба цел живот да се работи за да се поврати она што е изгубено во еден момент на искушение или непромисленост.

Со моментален чин на својата волја можете да се сложите да ѝ се потчинете на сатанската сила, но ќе биде потребно многу повеќе од моментално сложување на волјата за да ги раскинете неговите окови и да се воздигнете на повисок степен на светост и чистота.

Целта може добро да биде поставена, делото отпочнато, но за да се реализира во потполност, потребно е многу напор, време, истрајност, трпение и жртва. Човекот којшто намерно застранува од Бога, додека неговата патека ја осветлуваат зраци на блескава светлина, кога ќе посака да се врати, таа патека ќе биде целата обрасната со чичка и трње; и тој не смее да се изненади ниту да се обесхрабри ако поради тоа биде приморан подолго да пешачи со изранети и окрвавени нозе.

Најстрашниот и најнепријатен доказ за човековиот пад од висината на светоста на којашто се наоѓал е фактот што неговото враќање толку многу чини. Патот на враќањето може да се совлада само со напорна и тешка борба, чекор по чекор, и тоа постојано.

Оние коишто сакаат да го добијат небото мораат за таа цел да ги вложуваат своите најблагородни напори и да работат со долго трпение, за да можат на крајот да ги пожнеат плодовите на својот труд. Вратите на рајот веќе ширум се отворени за оние коишто ќе ја издржат проверката на искушенијата и одржат добра совест одрекувајќи се од светот, од неговите почести и неговите аплаузи, за Христовата љубов, признавајќи го Него пред луѓето и чекајќи стрпливо и долго и Тој нив да ги признае пред својот Татко и светите ангели.

Бидете совесни, внимателни и полни со обзир дека на крајот би можеле да го слушнете милозвучниот глас на одобрување, гласот којшто ќе проговори како што човек никогаш не зборувал.

Pin It on Pinterest