МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 ноември: Победа во судир со злото)

„Или нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со Мене.“ (Исаија 27:5; Библија)

Христовиот ученик, кој во молитва понизно оди пред Господа, непријателот не може да го победи. Сам Христос е негова закрила и штит од нападите на безбожните луѓе. Неговото сигурно ветување гласи: „Кога непријателот ќе навали како поплава, Господовиот Дух ќе подигне знаме наспроти него.“ (Исаија 59:19; Библија)

На сатаната му било дозволено да го искушува Петра, кој бил премногу самоуверен, како што своевремено му било дозволено да го искушува и Јова; но кога го сторил своето, тој морал да се повлече. Доколку на сатаната му било дозволено да продолжи со своите лукаво смислени искушенија, за Петра не би постоела никаква надеж. Тој би доживеал потполен бродолом на својата вера. Но непријателот не се осудил ниту за влакно да ја премине границата што му била дозволена.

Во целото сатанско царство не постои сила која би можела да ја спречи покајничката душа со целосна доверба едноставно да се потпре на мудроста којашто доаѓа од Господа.

Христос е нашата моќна тврдина и сатаната нема никаква власт над душата којашто со понизен дух живее еднакво според Божјата волја. Ветувањето: „Или нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со Мене“, сѐ уште е на сила. Секоја искушувана и напатена душа може да најде совршена и потполна помош во Христа. Опасности и искушенија можат да надоаѓаат од сите страни, но целото небо будно внимава ниту еден од оние што е искушуван да не биде изложен на потешко искушение отколку што може да поднесе.

Некои имаат силно изразени црти на карактерот коишто треба постојано да се сузбиваат. Кога би биле под контрола на Божјиот Дух, тие црти би биле вистински благослов, но кога не е така, тие се покажуваат како проклетство. Ако несебично и со цело срце му се посветиме на делото, не отстапувајќи ни најмалку од начелата, Господ ќе ја испружи Својата семоќна рака и ќе биде секогаш наш моќен заштитник. Ако гледаме во Христа како во Оној на Кого што навистина можеме да се потпреме, Тој нема да нѐ изневери да се најдеме и во било каква неволја.

Pin It on Pinterest