МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 7 ноември: Опременост за победа)
„Земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот – кој е Божјото слово.“ (Ефесјаните 6:17; Библија)
Ние знаеме дека опасноста од искушенијата коишто ги снаоѓаат младите на нашето време не се ниту мали ниту малубројни.
Живееме во време кога секому од нас, за да му се спротивстави на злото, му е потребна постојана будност и молитва. Драгоцената Божја Реч (Библијата) претставува единствен критериум за младите коишто сакаат да Му останат верни на небесниот Цар. Затоа пуштете ги да ги проучуваат Светите списи и нека, учејќи стих по стих на памет, стекнуваат знаење за она што го рекол Господ.
Кога и да се најдат во искушение нека го отворат Светото Писмо, и нека со понизни срца и со вера, побараат од Бога мудрост, за да го пронајдат Неговиот пат, и сила за да продолжат по тој пат.
Нека нашите млади објават војна против секоја навика што и во најмала мера ја наведува душата да ја запостави побожноста и верските должности. Нека времето одредено за молитва во никој случај не го занемаруваат, доколку е тоа можно.
Доколку тргнат во борбата без да ги напуштат своите порочни навики на коишто им попуштале пред да стапат во заедница со Христа, тие скоро ќе станат многу лесен плен на сатанските безбројни лукавства. Но наоружани со Божјата Реч, со тоа најсигурно духовно оружје, и носејќи го тоа богатство во срцата и мислите, тие ќе поминат неповредени пред сите напади од страна на непријателот на Бога и на луѓето.
Во името на Господа Бога над војските издигнете го високо и без страв своето знаме за вистината и правдата – знамето со натпис: Божјите заповеди и верата Исусова. Вам сега ви е потребно совршеното и целокупното оружје на вистината – духовниот меч, чиишто острици никогаш и со ништо нема да бидат затапени, туку ќе си го пробиваат патот преку наслагите од грев и беззаконија. Нека Словото на вистината го направите свој секојдневен советник, користејќи се вешто со „духовниот меч“. Сатаната е лукав војсководач, но понизниот и посветен војник на Исуса Христа сепак може да му одолее.