(продолжува од претходниот ден) Сепак, сите членови на овој совет не биле сложни. Синедрионот во тоа време не бил законито собрание. Тој постоел само затоа што го трпеле. Извесен број негови членови поставувале прашање дали е мудро Христос да се осуди на смрт. Се плашеле дека ќе предизвикаат бунт кај народот што ќе ги натера Римјаните да го лишат свештенството од натамошната благонаклоност и да му ја одземат моќта што сè уште ја има. Садукеите биле исти во својата омраза кон Христа, па сепак биле попретпазливи во своите постапки, плашејќи се дека Римјаните ќе ги лишат од нивната висока положба.
На овој совет, свикан да ја приготви Христовата смрт, бил присутен и Сведокот кој ги слушнал фаленичарските зборови на Навуходоносора, кој бил очевидец и на идолопоклоничката гозба на Валтасара и присутен кога Христос во Назарет се прогласил себеси за Помазаник. Овој Сведок им напоменувал на поглаварите какво дело извршуваат. Настаните од Христовиот живот излегувале пред нив со јаснотија што ги плашела. Се сетиле за сцените во храмот кога Исус, тогаш момче од дванаесет години, стоел пред образованите учители на законот поставувајќи им прашања што ги восхитувале. Чудото што пред малку е сторено сведочело дека Исус не е никој друг освен Божји Син. Списите на Стариот завет во врска со Христа засветиле во нивниот ум со сето свое вистинско значење. Поглаварите, збркани и вознемирени, се прашале: „Што да правиме?“ Во Советот настанала поделба. Под дејство на Светиот Дух свештениците и поглаварите не можеле да се ослободат од уверувањето дека се борат против Бога.
Кога Советот бил крајно збунет, станал првосвештеникот Кајафа. Кајафа бил горделив и суров човек, властољубив и нетрпелив. Меѓу неговите роднини имало и садукеи, горделиви, дрски, безобѕирни, полни со славољубие и со свирепост што ја криеле под плаштот на лажна праведност. Кајафа ги проучувал пророштвата и, иако не го познавал нивното вистинско значење, зборувал мошне влијателно и сигурно: „Вие не знаете ништо, ниту помислувате дека е подобро за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.“ Дури и кога Исус би бил невин, тврдел првосвештеникот, мора да се отстрани од патот. Тој создава тешкотии, ги привлекува луѓето кон себе и го намалува угледот на поглаварите. Тој е само еден, па подобро е да умре Тој отколку да биде ослабен авторитетот на поглаварите. Ако луѓето ја загубат довербата во своите поглавари, ќе биде уништена силата на народот.
Кајафа силно докажувал дека по ова чудо Исусовите следбеници најверојатно ќе подигнат бунт. Потоа ќе дојдат Римјаните, велел, ќе ни го затворат храмот, ќе ги укинат нашите закони и ќе нè уништат како народ. Колку вреди животот на овој Галилеец во споредба со животот на народот? Ако тој стои на патот на благосостојбата на Израел, зар не е служба на Бога да се отстрани? Подобро е еден човек да загине отколку да пропадне сиот народ.
Изјавувајќи дека еден човек мора да умре за народот, Кајафа покажал дека има некакво познавање на пророштвата, иако тоа било мошне ограничено. Меѓутоа, Јован во своето прикажување на настаните го разгледува пророштвото и го покажува неговото широко и длабоко значење. Тој вели: „И не само за народот, туку и за да ги собере заедно раштрканите Божји деца.“ Според тоа, и без размислување горделивиот Кајафа ја признал мисијата на Спасителот! (продолжува)