(продолжува од претходниот ден) Но никој не би требало да биде заведен со лажните тврдења на спиритизмот. Бог му дал на светот доволно светлина за да може да ги открие стапиците. Како што видовме веќе, теоријата што го прави вистински темелот на спиритизмот е во противречност со јасните тврдења на Светото писмо. Библијата учи дека мртвите не знаат ништо, дека нивните мисли престанале, дека тие немаат удел во ништо што се случува под Сонцето, ниту пак нешто знаат за радостите и неволјите на оние што им биле најмили на светот.
Уште повеќе, Бог изрично забранил секоја божемна врска со духовите на починатите. Меѓу Евреите постоеле луѓе кои тврделе, како и спиритистите денеска, дека одржуваат врска со мртвите. Но „духовите вражарски“ (Дела 16,16), како што се наречени овие посетители од другиот свет, во Библијата се нарекуваат „ѓаволски духови“ (спореди: 4. Мојсеева 25,13; Псалм 106,28; 1. Коринќаните 10,20; Откровение 16,14). Господ кажал дека е гнасно и забранил под закана на смртна казна одржување на врска со ваквите духови (3. Мојсеева 19,31; 20,27). Веќе самото име „вражање“ денеска предизвикува презир. Тврдењето дека луѓето можат да стапат во врска со лошите духови се смета како приказна од мрачниот среден век. Но спиритизмот, кој брои стотици илјади, па дури и милиони приврзаници, кој проникнал во научните кругови, кој се вовлекол во црквите и наишол на наклоност кај законодавните тела, па дури и во царските дворови оваа силна измама е само оживување и во ново руво облечено она во старо време осудено и забрането вражање.
Кога не би имале други докази за вистинскиот карактер на спиритизмот, за христијаните би требало да биде доволно тоа што овие духови не прават разлика меѓу правдата и гревот, меѓу најчистите и најблагородните Христови апостоли и најрасипаните слуги на сатаната. Издигнувајќи ги најподлите луѓе на небото и давајќи им таму почесни места, тој на светот му кажува: „Не е важно колку сте грешни, не е важно дали верувате во Бога и во Библијата или не. Живејте како што сакате. Небото е ваша татковина.“ Всушност, учителите на спиритизмот тврдат: „Сите кои прават зло … му се мили на Господа!“, или: „Каде е Бог кој суди?“ (Малахија 2,17). Божјата реч кажува: „Тешко на оние кои злото го нарекуваат добро, а доброто зло, кои од темнината прават светлина, а од светлината темнина“ (Исаија 5,20).
Овие лажни духови се јавуваат во вид на „апостоли“ кои му противречат на она што го пишувале апостолите вдахнати со Светиот Дух додека биле на земјата. Тие го негираат божественото потекло на Библијата и со тоа го уриваат темелот на надежта на христијаните и ја гаснат светлината што го покажува патот кон небото. Сатаната прави светот да верува дека Библијата е само една бајка или книга што одговара на времето на детството на човечкиот род, но на која сега треба поинаку да се гледа, или потполно да се отфрли како застарена. А како замена за Божјата реч, тој ги истакнува спиритистичките појави. Тоа е средство кое е потполно под негова контрола. Со ова средство тој може да постигне светот да верува онака како што сака тој. Книгата што треба да го осуди него и неговите следбеници ја отфрлаат, а Спасителот на светот го прикажуваат како обичен човек. Како римската стража која го чувала Исусовиот гроб што раширила лажни гласови, онака како што ја научиле старешините и свештениците за да го негираат неговото воскресение, така и приврзаниците на спиритистичките појави се обидуваат да докажат дека во животот на нашиот Спасител нема ништо чудно. Бидејќи така Исуса го ставиле во заднина, тие обрнуваат внимание на своите сопствени чуда, тврдејќи дека тие далеку ги надминуваат Христовите дела.
Вистина е дека спиритизмот денеска го менува својот облик и, прикривајќи некои свои најгруби црти, прима христијанско руво. Но неговите изјави од говорниците и преку печатот се објавувале и се објавуваат многу години и во нив е откриен неговиот вистински карактер. Ова учење не може да се негира ниту да се скрие.
Дури и во својот денешен облик, далеку од тоа да биде помалку опасен отколку порано, тој всушност е уште поопасен, зашто е полукав. Додека порано се откажувал од Христа и од Библијата, сега изјавува дека ги прифаќа двете. Но Библијата се толкува на начин што му се допаѓа на непрероденото срце, а нејзините свечени и важни вистини се сметаат за безвредни. Љубовта се истакнува како главна Божја особина, но таа се прикажува како разнежена сентименталност која не прави разлика меѓу доброто и злото. Божјата праведност, неговото гнасење над гревот, барањата на неговиот свет Закон сето тоа се смета за неважно. Народот се учи Десетте заповеди да ги смета за мртво слово. Привлечните и волшебните приказни делуваат врз сетилата и луѓето ги наведуваат да ја отфрлат Библијата како темел на својата вера. Од Христа и сега се откажуваат како и некогаш. Но сатаната во толкава мера им ги заслепил очите на луѓето, што не ја забележуваат измамата. (продолжува)