(продолжува од претходниот ден )За да се покаже како ја извртуваат Библијата оние што веруват во општо спасение за да ја поддржат својата кобна наука, доволно ќе биде да ги наведеме нивните сопствени изјави. При погребот на еден млад човек кој не верувал, а кој загинал во несреќен случај, еден универзалистички свештеник го избрал како текст од Библијата извештајот што се однесува на Давида: „Зашто се утеши (Давид) поради смртта на Амнона“ (2. Самоилова 13,39).
„Често ме прашуваат, рекол говорникот, каква ќе биде судбината на оние што го напуштаат овој живот во гревови, умираат можеби во состојба на пијанство, заминуваат во смрт со црвени дамки на злосторство што не се испрани од нивната облека или ќе загинат како овој млад човек, а кои никогаш не прифатиле ниту една вера ниту го искусиле нејзиниот благослов. Ние сме задоволни со Светото писмо. Неговиот одговор го решава тешкиот проблем. Амнон бил прекумерно грешен; тој не се покајал; тој се опил и како пијан бил убиен. Давид бил Божји пророк; тој морал да знае дали на другиот свет на Амнона ќе му биде добро или лошо. Какви биле чувствата на неговото срце? ‘Потоа царот Давид престана да се лути на Авесалома, зашто се утеши поради смртта на Амнона’ (стих 39).
Каков заклучок можеме да изведеме од овие зборови? Зар не тој дека вечните маки не биле дел на неговото верување? Така веруваме и ние и овде го откриваме победоносниот доказ во прилог на поугодните, попросветените и поблагородните сфаќања за конечната општа чистота и мир. Тој се утешил затоа што неговиот син бил мртов. А зошто? Затоа што со пророчко око можел да гледа во прекрасната иднина и да види дека неговиот син, одвоен од сите искушенија, ослободен од ропството и исчистен од расипаноста на гревот, откако доволно ќе се исчисти и просветли, ќе биде примен во заедница на вознесените и среќни духови. Негова единствена утеха била што неговиот мил син бил земен од сегашната состојба на грев и неволји и што отишол онаму каде што ќе се излева највозвишено влијание на Светиот Дух во неговата затемнета душа; каде што ќе се развива неговиот дух под влијание на небесната мудрост и прекрасниот занес на бесмртната љубов, и на овој начин, станувајќи свет, ќе може да ужива мир и друштво на небесните наследници.
Сакаме да нè разберете дека ние веруваме оти небесното блаженство не зависи од ништо што можеме ние да го сториме во овој живот, ниту од некоја сегашна промена на срцето, ниту од нашата сегашна вера или вероисповед.“
Така овој божемен Христов проповедник ја повторува лагата што ја кажала змијата во рајот: „Не, вие нема да умрете… туку оној ден, кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови.“ Тој тврди дека најголемите грешници убијците, крадците и браколомниците ќе бидат готови по смртта да влезат во бесмртно блаженство.
А од каде овој изопачувач на Светото писмо го изведува својот заклучок? Од една единствена реченица што ја изразува Давидовата покорност на волјата на Провидението. Неговата душа „престана да му се лути на Авесалома, зашто се утеши поради смртта на Амнона“. Бидејќи острината на неговата болка со текот на времето била ублажена, неговите мисли се обратиле од мртвиот кон живиот син кој побегнал во туѓа земја од страв пред праведната казна поради своето злосторство. И ова за него е доказ дека блудниот и пијан Амнон е пренесен на место на блаженство веднаш по смртта за таму да се исчисти и да се приготви за заедница со безгрешните ангели. Ова навистина е угодна приказна, погодна да го задоволи телесното срце. Ова е сопствена наука на сатаната и таа има многу успех. Зар тогаш да нè чуди што со ваквото учење расте и расипаноста?
Учењето на овој лажен учител го илустрира учењето на многу други. Од дадениот текст се изделуваат неколку зборови на Светото писмо кои во многу случаи би покажале дека нивната смисла е наполно спротивна на толкувањето што им се дава; и тие изделени стихови се извртуваат и се употребуваат како доказ за науки што не се засновани на Божјата реч. Сведоштвото наведено како доказ дека пијаниот Амнон е на небото е заклучок што е во очигледна спротивност со јасните и одредени изјави на Светото писмо дека ниеден пијаница нема да го наследи Божјето царство (1. Коринќаните 6,10). На овој начин неверниците и скептиците Божјата вистина ја претвораат во лага, а мнозина, измамени со нивното лажно учење, се успиени во колепката на телесната сигурност.
Кога би било вистина дека душите на сите луѓе во мигот на смртта веднаш заминуваат на небото, тогаш ние побргу би посакале смрт отколку живот. Мнозина, заведени со ова верување, му ставиле крај на својот живот. Кога ќе ги совладаат грижи, тешкотии и разочарувања, им се чини полесно да ја прекинат слабата нишка на животот и да се вивнат во милината на вечниот свет. (продолжува)