(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
Наскоро на нашиот свет ќе се случат огромни промени и последните движења ќе бидат многу брзи. Светот не ќе може да фати чекор со нив, избезумен е и во паника. Нашиот Спасител најавува војни и гласови за војни; се дига народ против народ и царство против царство (држава против држава). Настапуваат последните денови кога „народите се разгневија“ поради своите неостварени амбиции, претензии, мегаломански желби и идеи за регионална и светска доминација и, оптоварени со историското минато, сега си ги расчистуваат нерасчистените сметки, решени по секоја цена да си го наплатат долгот и да се одмаздат за неправдите што им биле нанесувани со години и векови. Во срцата на народите беснее незауздан, јаростен гнев кој ќе бликне како вулкан и светот ќе го претвори во општо крваво поприште на најстрашни судири и колежи, чиишто грозоморни сцени не ќе може да ги опише ниту највештото човечко перо. Ги читавме Христовите зборови кој кажува дека стравотии се пред нас од кои „луѓето ќе умираат“.
Да го прочитаме и следното пророштво од Апокалипсата: „Тоа се демонски (ѓаволски) духови, кои прават чуда и одат кај царевите на целиот свет за да ги соберат за војна во великиот ден на Семоќниот Бог… И ги собраа на место еврејски наречено Армагедон“ (Откровение 16,14.16).
Што забележуваме? Ѓаволските духови „одат кај царевите на целиот свет“ – не само кај одделни народи, туку кај народите на цел свет „за да ги соберат за војна“ – не на мировна конференција, не да преговараат за мир, туку ги собираат за војна, ги собираат за да војуваат едни со други до истребување и, како што рековме, еднаш за секогаш да си ги расчистат нерасчистените сметки, да си ги наплатат ненаплатените долгови. Тоа е оној прочуен апокалиптички Армагедон кој го среќаваме и во воената терминологија со кој воените стратези ја означуваат последната решавачка битка на оваа земја, за конечна пресметка меѓу народите, битка која ќе ги фрли во сенка сите досегашни безбројни крвави, сурови и свирепи војни и битки што се воделе на оваа земја.
Се лажеме себеси и другите ако мислиме дека на нашата планета Земја ќе настапи ера на мир, дека државниците ќе успеат светот да го воведат во мирно пристаниште каде што нема бури и луњи. Ги цениме и сесрдно ги поддржуваме настојувањата и напорите на благородните светски водачи кои со сета сила се трудат да обезбедат траен и стабилен мир во светот, но Библијата зборува поинаку за нивните резултати: „Кога ќе велат ,мир и безбедност’, тогаш ненадејно ќе се урне врз нив погибел, како породилни маки кај бремена жена, и не ќе можат да избегаат“ (1. Солуњаните 5,3).
Гледајќи го тоа страшно време, пророкот Еремија извикнува: „Утробо моја! Утробо моја! Боледувам, срцето ми се кине! Ми трепери душата! Не можам да молчам, зашто слушам звук на труба, боен вик. Зло по зло, цела земја опустува“ (Еремија 4,19.20).
Голем немир ги зафатил народите, светот е како зовриено море; огромна лавина од нескротлив гнев, свирепа омраза, воен дух и порив за меѓусебна одмазда се заканува наполно да го истреби човештвото.
Времето е зајазлено, светот е вознемирен, иднината е бесперспективна, неизвесна и мрачна; човештвото е дезориентирано, човекот е исплашен, состојбата е хаотична, очајна и, како што кажавме, сè во светот врие како во котел.
Од каде сето ова? Дали оваа тешка состојба, овој сесветски вриеж‘ ни падна од небото во вид на кисел дожд или ни никна од земјата како грд плевел? Не! Од небото не паѓаат проблеми, ниту пак тие никнуваат од земјата. Луѓето сами си создаваат хорори и невозможни состојби за преживување. Зошто? Затоа што човекот ја губи својата човечност и сите човечки квалитети што го одликуваат како човек и сè повеќе станува нечовек. Народите се однародуваат и одродуваат, луѓето се отчовечуваат и обесчовечуваат, се празнат од своите внатрешни вредности и се претвораат во празна черупка без внатрешна содржина. И токму тоа е причина за ова денешно зајазлено време и за овој вриеж во светот.
Божјата книга, Библијата, последните денови и крајот на светот ги поврзува со „тешки времиња“ кои настануваат како резултат на човечката нечовечност и неговата отчовеченост, прикажувајќи ни ја моралната слика на последното човечко поколение кое ќе живее во тие денови: „Знај го ова: во последните денови ќе настапат тешки времиња, зашто луѓето ќе станат себични, среброљупци, фаленичари, горделиви, пцујачи; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети, без љубов, непомирливи, злобни, клеветници, избувливи, свирепи, непријатели на доброто, предавници, безобѕирни, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви; … исполнети со секаков вид неправедност, пакост, алчност, злобност; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност, озборувачи, … богомрсци, дрски, надмени, … измислувачи на зла, … без разбирање, вероломници, немилосрдни; … полни со блудство, нечистота, бесрамност, идолопоклонство, вражање, непријателства, препирки, љубомора, излив на лутина, … несогласување, делби, … пијанство, разуздани гозби…“ (2. Тимотеј 3,1-5; Римјаните 1,29-31; Галатите 5,19-21)
Тоа е реална слика за денешниот човек, за денешното поколение кое живее во пророчките „последни денови“, кога ќе настапат „тешки времиња“, кога луѓето ќе бидат проникнати со екстремна себичност, со егоизам и со невидена злоба и пакост, кога никој не ќе може со никого, кога секој секому нешто му должи, му пречи, со постојана тенденција секој секого да го потисне и да го турне од патот. Време на сестрана ненаситност и кариеризам, крупен расчекор меѓу нереалните желби и можностите, несоодветство меѓу планираното и непостигнатото, меѓу очекуваното и неоствареното, што е причина за лута жалост и за длабоко незадоволство.
„О кутар човеку, гревот од тебе направи деформирано чудовиште! Бог те создаде ‘малку помал од ангел’, а гревот те направи малку подобар од ѓаволот“, ќе каже Џозеф Алејн, а рускиот поет Јосиф Бродски ќе го дополни: „Човекот е пострашен и од својот костур.“
Ние се наоѓаме во железен период од светската историја. Непријатели сме едни на други. Омразата е во силен подем, чијашто генеза е расна, религиозна, национална, политичка, идеолошка… Таа омраза е извор на судири, на одмазда, на војни… Светот е зафатен со големи неволји чијшто крај е непредвидлив. Страдањата и неволјите на светот, како што кажавме, не доаѓаат ниту од небото ниту пак никнуваат од земјата. Нивната генеза лежи во самите нас. Ние сме тој перманентен извор на судири што водат во период на невиден варваризам кога луѓето еден на друг ќе си ги вадат очите и ќе војуваат едни со други до истребување. „Од каде се војните и од каде се караниците меѓу вас?“, прашува апостол Јаков, и продолжува: „Не доаѓаат ли од вашите похоти што војуваат во вашите органи?… Завидливи сте и не можете да добиете; затоа се борите и војувате… Барате со лоши цели, за да го трошите на вашите похоти“ (Јаков 4,1-3).
Во нашето очајно, бесперспективно време, младите, па и постарите, за да побегнат од реалниот живот и свет, за да се растоварат од претешкиот секојдневен товар што ги притиска и од песимизмот што ги проникнува, и за неколку мига да доживеат макар и привидна среќа, посегаат по дрога, што ги води во уште поголем очај, чемер и јад, струполувајќи ги во амбис од кој речиси нема излез.
Во 2002 година проценето е дека 19,5 милиони Американци користат забранета дрога. Меѓу младите од 12-17 годишна возраст 11,6 проценти користат забранета дрога. Дрогата, во спрега со криминалот и тероризмот, кои во голема мера произлегуваат од неа, се повеќе од рак-рана која го уништува ткивото на човечкото општество, рак-рана која станува сè потежок светски проблем со кој тешко се справуваат и државите, зашто не ретко во нив се инволвирани и зад нив стојат високи функционери на одделни влади, па и цели влади на одделни држави за да ги постигнат своите политички и кој знае кои сè други цели. Значи, светот се соочува со организиран и со државен тероризам и криминал, кои ја поткопуваат стабилноста и водат во војна. Тоа е орудие во рацете на илјадници моќници кои контролираат многу профитни области од животот со високи финансиски ефекти, збогатувајќи се нечесно на сметка на најобичните луѓе и сиромасите. Ситуацијата на ова поле е драматична. Проблеми, проблеми, проблеми на сите страни! Како што рековме, и да повториме – силен подем на криминал, војни, тероризам, корупција, развод на бракови, сирачиња, убивање, силување, малтретирање, дрога – и списокот оди во бесконечност. Правниот систем веќе речиси и не функционира во општествата во кои владее законот на посилните и побогатите. Мито и корупција го проникнуваат цел свет.