Не така одамна ја прекршивме 2000-тата, долго очекувана и помпезно најавувана јубиларна година, со многу планирани и остварени јубилеи и со безброј искажани желби и надежи кои одговараат на една таква епохална преломна година, надевајќи се дека таа ќе биде увод во едно ново време кое нашата планета Земја ќе ја воведе во помирни води. Но, без оглед на големите и убави желби, надежи и силни очекувања и настојувања луѓето да ја пренасочат нејзината очигледно морничава завршна фаза од нејзината димна историја кон тие, со срце и душа очекувани и посакувани помирни води за да здивнат од секојдневните шокови и потреси што ги доживуваат, таа, сепак, незапирливо брза во пресрет на својата крајно сурова и свирепа судбина, во пресрет на жестоките завршни настани и сцени видени со пророчко око и потврдени со библиски пророштва, според кои, човештвото ќе биде зафатено со општа безмилосна криза каква што не постоела во неговата крвава историја.
Авторот на оваа книга не е никаков зол пророк со болна имагинација кој блада и коби. Не е никаков злокобен футурист. Не! Тој само ги потсетува читателите и им укажува на она, подзаборавеното, или наполно заборавеното – на апокалиптичките библиски пророштва на кои тие, обземени и проникнати со мачното секојдневје, не обрнуваат внимание. Ако некој коби, тогаш кобат тие пророштва, во чиишто прегратки наскоро ќе се најдеме неподготвени – станувајќи пердуви и плева на ветромет.
Молам, со најсериозно внимание и со најголема можна страхопочит, свечено, како кога се свири државна химна, во став мирно и без здив, да го чуеме небесниот проглас за ужасната непосредна иднина, за неспоредливо грдото мракобесие во кое веќе видливо запаѓа, тоне, и наскоро неповратно ќе потоне нашата планета. Почитувани, ако некогаш од нас се барало да бидеме длабоко, и до крајни можни граници свесни за нешто, за некој миг, тогаш, без сомнение, тоа е токму овој миг, мигот кога го слушаме директно гласот на семожниот Бог, гласот на неговата пророчка Реч, Библијата:
„Земјата тажи, венее, светот гине, згаснува, небото пропаѓа со земјата… Ете, Господ ја ништи земјата, ја разурнува, ја обезобразува, ги распрснува нејзините жители… Земјата ќе биде запустена, наполно ограбена, зашто Господ реши така. Проклетство ја голта земјата… Изгорени се земните жители, малку луѓе останаа. Лозата венее, воздивнуваат сите чиешто срце се веселеше. Прекрати разиграноста, замре радосната врева, замолкнаа веселбите… радоста е протерана од земјата… Стравотија, јама и стапица се пред тебе, жителу на земјата!… Ќе се растресат темелите на земјата. Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, земјата ќе се залула како пијан човек, ќе се затетерави како колиба, толку ќе ѝ стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане“ (Исаија 24,1-20).
Незамисливо! Апокалиптички библиски пророштва за свирепи грозомори – страшни, најстрашни од кога и да е – вистински ужаси, чиишто реални димензии денешниот човек не може да ги согледа ниту да ги замисли, со кои е зафатена и низ кои болно поминува нашата планета, стравотии кои молскавично се нижат и множат на неа како се ближиме кон финалниот крај на нејзината историја – време за кое Христос кажува: „Ќе има стравотии и големи знаци на небото… Луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот“, додавајќи: „Блазе на мртвите кои отсега умираат во Господа“ (Лука 21,11.26; Откровение 14,13).
Според библиските пророштва, близу е времето кога светот ќе го погоди силна болка која не ќе може да ја ублажи никаков човечки балсам и мевлем, кога никој не ќе може мирно да спие. Светот забрзано се приготвува за библискиот Армагедон, за кој опширно ќе зборуваме во книгава.
Библијата најавува ужасни сцени и хорори што ќе се одиграат на нашата планета како знаци кои го најавуваат скорашниот библиски крај и второто Христово доаѓање. Срцата на луѓето умираат од страв. Земјината кора е испокината од џиновски вулкански ерупции и земјотреси на сите страни. Земјата се поместува од своето место. Планините се распаѓаат, горат како печка и исфрлаат страшни буици усвитена лава и огромни столбови од пепел и чад, уништувајќи села и градови. Од усвитената лава надземните води вријат како во котел. Се распаѓаат подземните водни системи и токови и реките наполно пресушуваат. Планински масиви тонат во срцето на морињата, при што се подигаат колосални бранови и цунами кои со страшна бучава и силина навлегуваат далеку во копното, уништувајќи сè пред себе… Оган, пепел и чад, силни води, земјотреси, катастрофи, војни, крвопролевања, епидемии, глад, жед, страв, смрт…
Според овие, а и други библиски пророштва, што ќе бидат предмет на разгледување во книгава, во прашање е опстанокот на оваа наша планета онаква каква што ја познаваме, а со тоа и опстанокот на денешната цивилизација којашто ја гази нејзината почва.
Напоменуваме: Не станува збор за пророштва на Нострадамус, ниту за кои и да е други квази-пророштва на други квази-пророци, туку пред очите на читателите на показ ги изнесуваме пророштвата на библиските, на Божјите пророци и апостоли и пророштвата што ги изговорил лично нашиот Спасител Исус Христос, а се однесуваат на „последното време“, на „последните денови“ и на „крајот на светот“, како што се нарекува ова наше време и овие наши денови во Библијата (1. Тимотеј 4,1; Јуда 18; 2. Тимотеј 3,1; Јаков 5,3; 2. Петрово 3,3; Матеј 24,3.14; 28,20).
Ние се соочуваме и со свои очи ги гледаме сцените и настаните кои пророците ги посматрале само во виденија. Тие пророчки сцени и настани, кои со голема брзина се нижат и излегуваат од рамките на природни непогоди и катастрофи, преминувајќи во ранг на катаклизми, колку и да се страшни, морничави, одбивни и неприфатливи за нас, сепак, ние сме зафатени со нивниот виор и не можеме да ги игнорираме и да ги одминеме ниту ние нив, ниту тие нас, зашто со нив делиме заеднички простор и заедничко време.
Некогаш гостољубивата пријателка, питомата и мирољубива планета Земја, со голема брзина му го откажува гостопримството на својот стопан, на човекот, и му станува свиреп непријател, лишувајќи го не само од своите вековни благодати со кои богато го дарувала, како мајка своите родени деца, и му овозможувала убав, среќен, спокоен и безбеден живот, туку се буни и се крева против него, ставајќи ги во движење сите свои потенцијални можности и механизми со кои располага за да му се одмазди, да го уништи и да го прибере во своите пазуви – реалност што секој ден станува сè поочигледна и што не може да се оспори, вистина што не можеме да ја одбегнеме, што мораме да ја прифатиме и да се справиме со неа.
Наша цел со овој библиски приказ за „крајот“, за „последното – лунаво – време“ со сите негови застрашувачки виори, онака како што се опишани на светите страници на Божјата реч, Библијата, не е кај нашите ценети читатели да посееме дополнителен страв и да создадеме неспокојство и паника. Напротив, се обидуваме да им помогнеме да ја сфатат и да ја премавнат паниката што веќе го зафатила и длабоко го проникнала светот кој секој ден тоне во сè подлабок безизлез. Наша намера и благородна желба е на луѓето да им дадеме изворни информации и можност да се запознаат со реалната слика на овие состојби, со библиско око видени и однапред преткажани и напишани настани, за да не бидат изненадени, за навреме да се приготват и полесно да се справат со нив, да останат простум и при најсилните удари со кои ќе ги удрат „последните денови“, чијшто праг веќе сме го пречекориле.
Нашите читатели се премногу скапоцени за да не им обрнеме внимание, да ги оставиме неподготвени да се соочат со огромните „лавини“ кои се лизгаат и тркалаат насекаде на нашиот свет и уриваат, и сè повеќе ќе уриваат сè пред себе, оставајќи зад себе пустош, уништен огромен број човечки животи и економии не само на одделни држави, туку и на цели региони, па и пошироко – лавини кои не се поклонуваат и не се повлекуваат ниту пред моќта на богатството на најбогатите и најсилните, ниту се запираат пред колибите и молбите на најсиромашните, лавини на кои никој на оваа земја не може да им подметне грб и да ги сопре и пред кои стојат немоќни науката, техниката, економијата – пред кои човекот стои нем.
Да, почитуван читателе, вие не сте плева на гумно за да ве оддуваат орканите, чиешто фучење сè посилно се слуша, за да не ви се најде повеќе местото, за да ви се загуби секаква трага, да исчезнете и да заминете во заборав и неврат, за да се заборави и споменот на вас. Вие сте припадник на човечкото семејство, со високо човечко достоинство и вредност, и за вас е платена неспоредливо висока цена. Христос безмерно ве сака и Тој умрел и за вас, бидејќи вие сте најскапоценото нешто во неговите очи.
Наша заложба во рамките на овие апокалиптички пророштва е да ви пренесеме од Божјата реч и порака што ќе ви помогне да се ориентирате во времето на екстремниот песимизам и на нашето ново столетие произлезен од силните и грамадните очекувања на луѓето што не се исполниле, во времето кога цел свет ќе загуби ориентација и ќе западне во бесперспективност и апатија, во мачен и жалосен безизлез, порака што вас ќе ве поведе во блескотна, посакувана, славна иднина.
Апокалиптичките пророштва не се само кобни пророштва. Не! Иако тие носат порака за тотален мрак, за обезличен свет и за обесчовечени луѓе, за амбис и пропаст за милиони, за финален фатален крај зад кој не постои нов почеток, порака за безнадежно, гламносано време, кога „луѓето ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот“ – сепак, тие едновремено носат и порака за силно надежно време, порака за излез или за тунел кој најцрниот мрак и пеколниот безизлез ги поврзува со силна блескотна светлина пред која исчезнуваат и заминуваат во вечен заборав и неврат и најстрашните зла, грозомори и стравотии низ кои поминувале и ги преживувале луѓето на овој наш стар и изнамачен свет, и сите непогоди и катаклизми, кои тотално ќе го изменат ликот на нашата планета и кои, сите заедно, споредени и мерени со славата, со предимствата и благодатите на новото време – не ќе бидат вредни ниту да се споменат.
Орел зафатен со жестока планинска луња, која се заканува да го тресне и да го парчоса на сурите планински карпи, излез и спас од сигурната смрт наоѓа вивнувајќи се во височините и излегувајќи над облаците и луњата; и таму, издигнат над нив, каде што е тивко и мирно, каде што грее сонце, под небесната блескотна, јарка синевина, со ненарушен мир и спокојство, со докрај раширени крилја, како цар на бескрајните прекрасни небесни простори, милуван од топлите сончеви зраци – ги посматра од височина и им се потсмева на неволјите кои до пред малку со сета жестокост се устремиле против него парампарчиња да го сторат.
Почитувани, Бог ни упатува порака со која нè повикува и ни дава можност да бидеме не страчки кои летаат ниско и се задржуваат по буништа, туку орли, можност да се издигнеме високо над страшниот виор на луњите на „последните денови“ што ќе беснеат на нашиот свет; предвидел, како што рековме, излез, тунел, низ кој ќе поминеме и ќе го пречекориме прагот на новиот свет, прагот на вечноста и вечниот живот, чиишто мугри се веќе на повидок и чијашто зора веќе рудее и се обидува да нè допре и да нè гали со своите милни зраци. Да, отаде тунелот е нешто од што срцето препукнува од радост, нешто „што око не видело, што уво не чуло и што во човечко срце не дошло“ – нешто што „Бог го подготви за оние кои го љубат“ (1. Коринќаните 2,9). – Тоа нешто е живот со почеток, но со нов почеток, а без крај; тоа е нов, вечен живот за оние што сакаат вечен живот и што се приготвуваат за него. За нив Бог предвидел тунел, излез од последната тотална криза, од последните силни зла низ кои ќе поминува светот и премин во Божјето царство за кое обилно пишува Божјата реч и за кое ќе зборуваме во оваа книга.
Овде сакаме уште еднаш да го истакнеме Божјиот повик во друга форма. Во контекстот на последните настани, Бог нè повикува и ни дава можност да бидеме птица која си свила себеси гнездо на високо издигната карпа среде вознемирено, запенавено, разбрането и зовриено море, чиишто огромни бранови со сета жестокост удираат во карпата и со силна бучава се разбиваат од неа и се враќаат назад, а моќните бранови птицата ги посматра озгора мирно и спокојно, зашто своето гнездо го сплела на сигурно и безбедно место, каде што бурата не може да ја допре.
Божјата реч кажува дека Христос е наша карпа, наше сигурно засолниште од сите бури што беснеат и во светот и во нашиот живот. Тој е наше безбедно прибежиште каде што можеме да најдеме заштита, мир и спокојство; Христос ни нуди помош и водство за премин низ оној „тунел“ што ги поврзува „последните денови“ со неговото царство; Тој е „орел што бдее над своето гнездо, реејќи се над своите орлиња (над нас), ги шири крилјата, ги зема и ги носи на своите перја“ (5. Мојсеева 32,11).
Така, почитувани, и зад најцрното постои најсветло, најблескотно – најцрно за милиони луѓе, но и најсветло, пак, за други милиони – и ние ќе зборуваме и за едното и за другото, прво за најцрното, а потоа за најблескотното, пред кое ќе исчезне најцрното.
Во продолжение да прочитаме пак дел од споменатите пророштва: „Земјата тажи, венее, светот гине, згаснува, небото пропаѓа со земјата… Проклетство ја голта земјата… Стравотија, јама и стапица се пред тебе, жителу на земјата!… Ќе се растресат темелите на земјата. Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, земјата ќе се залула како пијан човек, ќе се затетерави како колиба.“ – Ова се буквални библиски пророштва без никаква библиска симболика, кои со неверојатно разиграна динамика и со галопирачки чекори се исполнуваат пред нашите очи и ние, сакале или не, мораме со нив да делиме мегдан.
Наша искрена желба и должност е со овие текстови од Библијата, не тенденциозно одбрани, без да додаваме дрва на огнот, да му обрнеме внимание на нашиот човек на ова зајазлено, споулавено, за нас неодминливо време, и да го соочиме со реалноста која секој ден сè посилно нè притиска; да му помогнеме очекувано и подготвено да се соочи со непосредната, блиска иднина кога „луѓето – според Христовите зборови – ќе умираат од страв очекувајќи го она што ќе го снајде светот“, кога „ќе почнат да им зборуваат на планините: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нè!’“ (Лука 21,26; 23,30).
Наша радост и големо задоволство ќе е ако нашите читатели навистина ова наше време го препознаат како „последно време“, како „последни денови“ и како „крај“, но и како свое време и шанса навреме да се престројат и да застанат – не на погрешната, туку на вистинската страна – под Божјето знаме.
Според библиските пророштва, пред нас се морничави, монструозни денови, денови обременети со страшни апокалиптички знаменија, време придружено со најразлични и чести катастрофи од редот на големините „еднаш во сто години“, а можеби и „еднаш во илјада години“. Најголемата досегашна катаклизма, наречена „потоп“, ќе биде надмината и фрлена во заборав од друга голема, и од сите најголема и најстрашна катаклизма пред која ќе исчезне сè што создала човечка рака, и која со својата јарост од темел ќе го измени ликот на нашата планета, за која ќе стане збор подоцна.
Обично луѓето очекуваните тешкотии ги преувеличуваат, но тоа не е случај со неволјите што ни идат во пресрет. Нив не ќе може да ги опише ниту најбујната мечта, ниту највештото човечко перо. Настапува време кога ќе зовријат сите човечки страсти. Тоа се денови кои ќе ги искинат и оддуваат нашите кожурци во кои со години сме биле закожурчени и засолнети во заветрина во која навидум сме се чувствувале мирни, спокојни и безбедни и сме осцилирале околу некаква рамнотежна положба што самите сме си ја одбрале, правејќи чекор напред-назад, самоуверени во исправноста на нашата политичка, национална, верска и секоја друга ориентација, определба и припадност.
Но виорот што наскоро ќе нè зафати ќе покаже и ќе открие дека столбовите врз кои се потпирала и темелела нашата верска припадност и нашата вера што сме ја наследиле од нашите татковци и дедовци всушност не се никаква гаранција ниту столбови кои можат да ни помогнат да останеме на нозе пред налетите на тие виулици, туку скршена трска врз која, ако и понатаму се потпираме – ќе се распориме.
Бог ќе дозволи секој од нас да се најде во такви околности кои ќе нè исфрлат од лулката на нашата самоувереност и самодоверба и нашата вера и верска определба ќе ги стави на кантарот на својата Реч, на Библијата, на строга проверка, за да се види дали имаме вистинска, Божја, библиска вера, или пак се потпираме, како што веќе рековме, врз скршена трска – врз верата што сме ја наследиле од нашите татковци и дедовци, која ќе се урне уште при првите налети на невремето на „последните денови“, зашто „Господ ќе се разјари, ќе се крене да го изврши своето дело, своето чудесно дело, да го исполни својот наум, својот таинствен наум!“ „Боен вик допира – до накрај светот – бидејќи Господ има спор со народите, излегува на суд со секое тело, безбожниците ќе ги предаде под меч“ (Исаија 28,21; Еремија 25,31).
Боен вик до накрај светот кој станува досега невидено, нечуено и недоживеано поприште на најсвирепи и најкрвави судири меѓу народите, од чиешто срце блика незауздан, јаростен гнев како вулкан, срдба создадена и поттикнувана од вековната меѓусебна човечка обесправеност и гнет, барајќи одмазда – време наречено апокалиптички армагедон!
„Утробо моја! Утробо моја! Боледувам, срцето ми се кине! Ми трепери душата! Не можам да молчам, зашто слушам звук на труба, боен вик. Зло по зло, цела земја опустува“ (Еремија 4,19.20).
„Вака вели Господ: ‘Слушам крик на ужас; тоа се стравотии, а не мир. Ајде, распрашајте се и погледајте: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто сите лица се изобличени и побледени? Леле, голем е овој ден, нема сличен на него.’“ „Тоа ќе биде време на страдање какво што немало откако постојат луѓе па сè до тогаш“ (Еремија 30,5-7; Даниел 12,1).
Безнадежно време, мрак и пропаст за едни, за оние кои неподготвени, без никаква котва на зовриеното море, изложени на ветрометот на настаните и надвор од секое засолниште, директно, незаштитени, се соочуваат и паѓаат на острицата на последните страшни сцени на кои стануваат плева која ќе ја оддуваат ветриштата во заборав и неврат и, како што кажавме, силно надежно, славно и најславно време за други, мугра на вечна зора и светла иднина за оние кои навреме ќе застанат под Божјето знаме, под знамето на Михаел (Христос), кој ќе стане да ги заштити, да им обезбеди сигурно засолниште од споулавените стихии во природата и на светската општествена сцена кои ќе срушат и срамнат сè со земјата.
Големите физички и морални страдања, низ кои поминуваат милијарди луѓе во светот, бараат објаснение. Зошто сето тоа? – се прашуваме сите. Зошто „крајот“, „последните денови“, се толку болни и кобни, свирепи и безнадежни, обележани со такви грозомори, стравотии и ужаси, од кои кожата ни се ежи и косата на главата ни се дига? Од друга страна, ако Бог е љубов, како што кажува неговата Реч, ако е милостив и жалостив, тогаш може ли неговото око мирно да посматра ваква сурова завршница на историјата на нашата планета? Дали тоа за него е наслада, одмазда, или пак најголема жалост што воопшто може да се замисли? Зар сето тоа е неминовно и мора ли токму така да се одвиваат нештата како што се одвиваат? Мора ли да поминеме низ толку грдо време за да стигнеме до апсолутниот крај?
Ако Бог е толку моќен, силен, како што читаме во Библијата, ако Тој е наш татко и ако навистина толку нè милее, што го дал и својот единороден Син да умре за нас, зошто тогаш не им дава друг ток на свирепите настани со кои мора да се соочи човештвото и не ја пренасочи таа толку груба завршница кон нешто помирно, поспокојно и посреќно? Зошто, зошто, зошто? – постојано се прашуваат сите луѓе на светот и бараат одговор. Што ќе однесе виорот во неврат, а што ќе остане зад него? Што потоа?
Тоа се прашања на кои ќе се обидеме да дадеме библиски одговор. Велиме, библиски одговор! Не што кажува филозофијата, историјата, науката, политиката, логиката („последните денови“ не познаваат, не признаваат ниту пак следат некаква човечка логика, зашто во нив нема никаква логика), не што кажуваат „големите“ човечки умови и зналци, туку што кажува Господ Бог во својата Реч, во Библијата.