(продолжува од претходниот ден) Против Христовите следбеници се покажал ист дух на непријателство како и против нивниот Учител. Оној кој го гледа одвратниот карактер на гревот и кој му се противставува на искушението со сила озгора, сигурно ќе предизвика гнев кај сатаната и кај неговите истомисленици. Омразата против чистите начела на вистината, подбивот и прогонот на нејзините бранители, ќе постојат сè додека ќе има грев и грешници. Христовите следбеници и слугите на сатаната не можат да се согласат. Уште не престанала соблазната на крстот. „Сите што ќе живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3,12).
Орудијата на сатаната постојано работат под негова управа да го зацврстат неговиот авторитет и да го подигнат неговото царство наспроти Божјето царство. За таа цел се обидуваат да ги прелажат Христовите следбеници и да ги одвратат од нивната верност кон Бога. Како нивниот водач, и тие го извртуваат Светото писмо за да ја постигнат својата цел. Како сатаната што се обидувал врз Бога да фрли срам, така и неговите орудија се обидуваат да го наклеветат Божјиот народ. Духот што го приковал Христа на крст ги гони безбожниците да ги уништат неговите следбеници. Сето тоа однапред е истакнато во првото пророштво: „Ставам непријателство меѓу тебе и жената, меѓу твоето потомство и нејзиното потомство.“ Тоа непријателство ќе трае сè до крај.
Сатаната ги употребува сите свои орудија и се бори со сета своја сила. Зошто тој не наидува на поголемо противење? Зошто Христовите војници се толку успиени и рамнодушни? Затоа што одржуваат толку слаба врска со Христа; затоа што им недостига неговиот Дух. Ним гревот не им е ужасен и достоен за презир како што бил за нивниот Учител. Тие не му се опираат цврсто и решително како што му се опирал Христос. Не го увидуваат големото зло и расипаноста на гревот и се заслепени како во врска со карактерот, така и во врска со силата на кнезот на темнината. Постои само малечко непријателство против сатаната и неговите дела затоа што владее големо незнаење во врска со неговата моќ и злоба и во врска со универзалноста на неговата борба против Христа и неговата црква. Во овој поглед мнозина се заведени. Тие не знаат дека нивниот непријател е силен војсководител кој господари над умот на лошите ангели и со добро промислени планови и вешти сплетки води војна против Христа за да го спречи спасувањето на душите. Меѓу божемните христијани, па дури и меѓу самите слуги на евангелието, малку се спомнува сатаната, освен можеби попатно од проповедална. Тие не ги гледаат знаците на неговата постојана активност и неговиот успех, ги занемаруваат без бројните опомени за неговото лукавство и се чини дека и не се осврнуваат на неговото постоење.
Додека луѓето не ги запознаат неговите подмолни напади, овој буден непријател секогаш ги следи во стапка. Влегува во секое катче на домот, во секоја улица на нашите градови, во црквите, на собранијата и на судовите; тој збунува, измамува и заведува, насекаде ги упропастува душите и телата на мажите, на жените и децата, ги уништува семејствата, сее омраза, неслога, караници, буни и убиства. А христијанскиот свет се чини дека на сето тоа гледа како на нешто што го одредил Бог и што мора така да биде.
Сатаната постојано се труди да го надвладее Божјиот народ со отстранување на оградите што го делат од светот. Стариот Израел бил наведен на грев кога се осмелил да стапи во недозволени врски со многубошците. На сличен начин сатаната го заведува и духовниот Израел денеска. „Ним богот на овој свет им ги заслепи умовите за да не ги осветли сјајната радосна вест (евангелието) на Христа, кој е Божја лика“ (2. Коринќаните 4,4). Сите кои не се решителни Христови следбеници, се слуги на сатаната. Во срцето на непреродениот владее љубов кон гревот и склоност истиот да се негува и да се оправдува. Во обновеното срце се наоѓа омраза кон гревот и решителен отпор против него. Кога христијаните се движат во друштво на безбожници и неверници, самите се изложуваат на искушение. Сатаната се притајува и тајно им навлекува превез преку очите. Тие не можат да видат дека единствена цел на тоа друштво е да им наштети и, изедначувајќи се со светот во карактерот, во зборовите и делата, сè повеќе и повеќе стануваат слепи. (продолжува)