МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 октомври: Водството на ангелите во мојот живот)

„И кога Петар дојде на себеси, рече: ‘Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.’“ (Дела Ап. 12:11; Библија)

Петар бил затворен во една темница која била издлабена во карпа, а вратата била цврсто заклучена и осигурена со вериги. Но веригите, бравите и римската стража, кои исклучувале можност од било каква човечка помош, само уште повеќе допринеле во потполниот Божји триумф во ослободувањето на овој апостол. Дошла и последната ноќ пред погубувањето. Еден моќен ангел бил пратен од небото да го ослободи Петра. Тој влегол во занданата во која лежел Петар, спиејќи со спокоен сон на совршена доверба.

Дури откако го почувствувал допирот на ангелската рака и го зачул гласот: „Стани бргу!“, Петар се разбудил гледајќи дека неговата зандана била опсипана со светлина и дека ангелот во голема слава стои пред него. Механички ги послушал зборовите коишто му биле упатени, и кога станувајќи ја подигнал раката, бил едвај свесен дека оковите од неговите раце паднале.

Потоа ангелот се упатил кон вратата, а после него се упатил и Петар којшто обично бил многу брблив, но сега просто занемел од запрепастување. Тие поминале покрај стражарот и стигнале до цврсто заклучената врата, која се отворила сама од себе, а потоа самата се затворила. Стигнале и до другата врата, која, исто така се отворила како и првата, а притоа не се слушнало никакво шкрипење на железните алки. На истиот начин поминале и преку третата капија и се нашле на отворена улица. Ангелот лебдејќи, опкружен со блескава светлина, бил тој којшто го предводел патот. Така поминале низ една улица, и тогаш ангелот, откако ја завршил својата мисија, одеднаш исчезнал.

И денес, исто како и во деновите на апостолите, небесните весници минуваат ширум земјата настојувајќи да ги утешат и заштитат несреќните и разочараните. Ние не можеме да ги видиме лично, но тие сепак се покрај нас, управувајќи ги нашите чекори и штитејќи нè.

Pin It on Pinterest