МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 октомври: Бог во мојот живот)
„Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твојот Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница.“ (Исаија 41:10; Библија)
Господ е постојано во делотворна поврзаност со секое дело на Своето огромно царство. Библијата Го прикажува како се „наведнува“ за да ја надгледува земјата и нејзините жители. До Неговото уво допира секој изговорен збор и секоја воздишка; Тој ја слуша секоја молитва и го забележува дури и секое најмало движење.
Бог никогаш не престанува да води грижа за Својот народ. Христос ги учел Своите ученици дека Бог му поклонува внимание на секое живо суштество сразмерно со улогата којашто му е дадена при создавањето. Тој им поклонува внимание и на птиците што летаат низ воздухот. „Ниедно врапче“, вели Тој, „не паѓа на земја, а вашиот Татко, Кој е на небесата, да не го забележи тоа.“ (Матеј 10:29; Библија) И кога Тој води грижа за ситното врапче, душите за коишто умрел Христос сигурно се неспоредливо подрагоцени во Неговите очи. Вредноста што Бог му ја придава на човекот, најдобро може да се види во жртвата принесена на Голгота.
Божјата милост и Неговата љубов кон паднатиот човечки род, во своето бескрајно изобилие, не престануваат да се насочуваат кон оваа земја.
Вистина е дека разочарувања ќе наидат неизбежно, мораме да очекуваме неволји: но ние треба сѐ да Му препуштиме на Бога. Него нема да го збунат нашите многубројни непријатности, ниту ќе може да го совлада товарот на нашите животни грижи. Тој будно бдее над секоја куќа и над секој поединец. Тој им придава важност на нашите работни односи и Го погодува нашата тага. Тој ја забележува секоја наша солза и дирнат е од чувството на нашата немоќ.
Секоја болка и секое искушение што нѐ снаоѓаат на овој свет се дозволени и ја остваруваат намерата на Неговата љубов кон нас – „да станеме учесници во Неговата светост“, и на таков начин да се удостоиме за учество во совршената радост која се наоѓа во Негово присуство. (Евреите 12:10; Библија)