МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 октомври: Бог во мојот живот)
„Господ над Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина!“ (Псалм 46:7; Библија)
Оној, Кој во пророштвото е наречен „Емануел, Бог со нас“, за нас значи сѐ. Со каква ли сигурност секогаш можеме да ја засноваме нашата вера! Каква само надеж за бесмртност нуди ова за душата што верува? Во Христа Исуса Бог е со нас и нѐ следи на секој чекор на нашиот пат до небото.
Светиот Дух како Утешител секогаш е со нас за да нѐ води кога сме збунети, да нѐ теши кога сме ожалостени и да нѐ штити кога сме во искушение. „О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо!“ (Римјаните 11:33; Библија)
Бог на Израелците преку Мојсеја им наредил: „Нека Ми изградат Светилиште, за да можам да престојувам меѓу нив“, и така Тој пребивал во светилиштето среде Својот народ. (Излез 25:8; Библија) За цело време на нивното заморно патување низ пустината, симболот на Неговото присуство на овој начин бил постојано со нив.
Така Христос го подигнал Својот шатор среде нашиот човечки табор. Го распрострел Својот шатор покрај човечките шатори за да би можел да пребива со нас, и за да би можел да нѐ запознае со Својот божествен карактер и живот.
Откако Исус дошол да пребива меѓу нас, ние знаеме дека Бог е добро запознат со нашите неволји и дека сочувствува со нас во нашите страдања. Секој Адамов потомок, без разлика колкав грешник е, може да увиди и да се осведочи дека нашиот небесен Творец не е негов непријател.
Христос е остварување на пророчката најава „Бог со нас“, Тој е залог за нашето ослободување од гревот и гаранција нашата сила да му се покори на законот на небото.
Христос настојува да нѐ поучи за големата вистина, толку битна за нас, вистината дека Бог е секогаш со нас, било каде да се наоѓаме и дека знае за сето она што се случува на земјата. Тој ја знае секоја помисла зачната во умот на една душа. Тој го слуша секој збор што излегува од човековите усни. Тој поминувал низ сите околности на човечкиот живот, и добро ги познава сите планови и методи со коишто се служат луѓето.