(продолжува од претходниот ден) Сè до крајот на бунтот на небото, големиот насилник постојано се оправдувал. Кога било објавено дека со сите свои приврзаници мора да биде протеран од становите на блаженството, водачот на заговорот дрско го покажал својот презир кон Законот на Творецот. Постојано повторувал дека на ангелите не им е потребен никаков надзор, туку треба да бидат слободни да ја извршуваат својата сопствена волја која секогаш ќе ги води исправно. Ги критикувал божествените закони како некое ограничување на нивната слобода и изјавил дека негова намера е да го укине Законот, за небесната војска, ослободена од овој јарем, да може да постигне повозвишен и пославен живот.
Еднодушно сатаната и неговите чети сета одговорност за својот бунт ја струполиле врз Христа, тврдејќи дека никогаш не би се побуниле кога не би биле укорени. Упорни и пркосни во своето неверство и напразно обидувајќи се да го оборат Божјето владеење, претставувајќи се богохулно како невини жртви на некаква насилничка власт, бунтовникот и сите негови приврзаници најпосле биле истерани од небото.
Истиот дух што го почнал бунтот на небото, сè уште предизвикува бунт на земјата. Сатаната продолжил кај луѓето да се служи со истите средства како и кај ангелите. Во децата на непокорноста сега владее неговиот дух. Како тој, така и тие, се обидуваат да ги урнат оградите на Божјиот закон и на луѓето им ветуваат слобода со престапување на неговите прописи. Карањето на гревот сè уште предизвикува дух на омраза и отпор. Кога Божјите опомени влијаат врз совеста на луѓето, сатаната ги гони да се оправдуваат и за својот грешен живот да бараат одобрение од другите. Наместо своите заблуди да ги напуштат, тие пројавуваат нерасположение кон оној што ги кара како тој да е единствената причина за нивните тешкотии. Од денот на праведниот Авел, сè до денеска, овој дух се дигал против оние што се осмелувале да го укоруваат гревот.
Сатаната лажно го претставувал Божјиот карактер на небото, прикажувајќи го Бога како строг и насилник, а исто така и на земјата ги завел луѓето на грев. Кога успеал во тоа, тврдел дека Божјите неправедни ограничувања биле причина човекот да падне, како што биле причина и за неговиот бунт.
Но Вечниот сам го објавил својот карактер: „Господ, Господ, Бог штедар и милостив, долготрпелив, богат со љубов и со верност, им укажува милост на илјадници, поднесува опачност, грев и престап, но не го остава виновникот нека знет“ (2. Мојсеева 34,6.7).
Протерувајќи го сатаната од небото, Бог ја покажал својата правда и ја потврдил честа на својот престол. Но, кога човекот згрешил, заведен со измамите на овој отпаднат дух, Бог својата љубов ја покажал со тоа што дозволил неговиот единороден Син да умре за паднатиот човечки род. Во помирувањето се открил Божјиот карактер. Крстот е силен доказ за целата вселена дека патот на престапот на Луцифера во никој случај не може да му се припише на Божјето владеење.
Во борбата меѓу Христа и сатаната за време на службата на Спасителот на земјата е откриен карактерот на големиот измамник. Ништо не можело во толкава мера да го одвои сатаната од љубовта на небесните ангели и од целата верна вселена како неговата свирепа борба против Откупителот на светот. Дрското хулење со кое се осмелил сатаната да бара Христос да му се поклони, неговата сурова смелост со која го однел на високата гора и на врвот на храмот, подмолната намера што се видела во поттикнувањето да скокне од огромната височина, неговата неуморна злоба што го прогонувала од место до место и ги поттикнувала срцата на народот и на свештениците да ја отфрлат неговата љубов и најпосле да викаат: „Распни го, распни го!“ сето тоа предизвикало чудење и гнасење кај вселената.
Сатаната го натерал светот да го отфрли Христа. Кнезот на злото ја употребил сета своја моќ и лукавство да го уништи Исуса, зашто видел дека љубовта и милосрдието на Спасителот, неговото сожалување и нежност, на светот му го откриваат Божјиот карактер. Сатаната оспорувал сè што тврдел Божјиот Син и за свои орудија употребил луѓе животот на Спасителот да го исполнат со неволји и со грижи. Лукавствата и лагите со кои се обидувал да го спречи Исусовото дело, омразата што ја покажувале синовите на непослушноста, неговите страшни обвинувања против Оној чијшто живот бил беспримерна служба на доброта сето тоа потекнувало од длабоката желба за одмазда. Против Божјиот Син на Голгота пламтел разгорен оган на завист и злоба, на омраза и одмазда, додека цело небо со нем ужас ја посматрало оваа сцена.
Откако ја принел големата жртва, Христос се вознел на небото, но не сакал да прими обожавање од ангелите додека не го замолил Отецот: „Оче, сакам оние што ми ги даде да бидат со мене таму каде што сум јас“ (Јован 17,24). Тогаш од Божјиот престол дошол одговор со неизмерна љубов и сила: „Да му се поклонат сите Божји ангели“ (Евреите 1,6). На Исуса не се нашла никакава дамка. Бидејќи поднел понижувања и жртва, дадено му е име што е над секое име. (продолжува)