(продолжува од претходниот ден) Каква свечена помисла! Ден по ден се губат во вечноста и небесните книги се полнат со извештаи. Еднаш изговорените зборови, еднаш сторените дела, не можеме никогаш повеќе да ги вратиме. Ангелите го забележале и доброто и злото. Најсилниот освојувач на земјата не може да го поништи извештајот на само еден единствен ден. Нашите дела, нашите зборови, дури и нашите најскриени побуди сето тоа влијае врз донесувањето на одлуката за нашата судбина за живот или за смрт. Иако ние ги забораваме, тоа сепак ќе сведочи за нашето оправдување или осуда.
Како фотографијата што точно ги репродуцира цртите на лицето, така точно ќе биде забележан и карактерот во небесните книги. Но колку малку нè загрижува извештајот што ќе биде прикажан пред очите на небесните суштества! Кога би можела да се тргне завесата што го одделува видливиот од невидливиот свет, и кога луѓето би можеле да ги видат ангелите кои бележат секој збор и секое дело со кои ќе се сретнат на судот, колку зборови што ги изговараме секој ден не би ги изговориле и колку дела не би направиле!
На судот точно ќе се испита како сме ги употребиле дарбите што сме ги добиле. Како сме ги употребиле средствата што ни ги доверило Небото? Дали Господ кога ќе се појави ќе го земе своето со добивка? Дали сме ги усовршиле силите што ни ги дал Бог физичките, умните и душевните на слава на Бога и на благослов на светот? Како сме го употребиле нашето време, нашето перо, нашиот глас, парите и влијанието? Што сме сториле за Христа во лицето на сиромасите, на оние кои се во неволја, на вдовиците и на сирачињата? Бог нè поставил за чувари на својата света Реч. Што сме сториле со светлината на вистината што ни е доверена да ги поучуваме луѓето за спасението? Не е доволно да кажеме дека веруваме во Христа; само љубовта придружувана со дела е вистинска љубов. Љубов е само она што во очите на Небото им дава вредност на нашите дела. Сè што е сторено од љубов, па колку и незначитело да изгледа тоа во очите на луѓето, пред Бога ќе биде признато и наградено.
Скриената себичност на луѓето е откриена во небесните книги. Таму се наоѓа извештај за неисполнетите должности кон нашите ближни и за занемарувањето на нашите обврски кон Спасителот. Дури таму ќе се види колку пати луѓето му го посветиле на сатаната своето време, своите мисли и своите сили што му припаѓале на Христа. Жалосен е извештајот што го носат ангелите на небото. Разумните созданија, божемните Христови следбеници, потполно се обземени со желба за стекнување на богатство или со уживање на земните задоволства. Парите, времето и силите се употребуваат за украсување и за уживање; малку време се посветува за молитва, за истражување на Светото писмо, за испитување на самиот себеси и за исповедање на гревот.
Сатаната измислува безброј планови за да ги окупира нашите мисли да не се занимаваме со она што би требало најдобро да го познаваме. Стариот измамник ги мрази големите вистини што ни укажуваат на жртвата на помирување и на силниот Посредник. Тој знае дека ќе успее ако ги одврати мислите од Исуса и од неговата вистина.
Оние што сакаат да бидат учесници во милоста на Христовото посредување, не смеат да дозволат со ништо да бидат одвратени од својата должност во Божји страв да го градат своето по светување. Наместо драгоцените мигови на времето да ги посветат на уживања, на украсување или на стекнување добивка, треба да се посветат на сериозно и ревносно проучување на Речта на вистината. Предметот на Светилиштето и на истражниот суд Божјиот народ треба да го разбере јасно и правилно. Сите би требало да стекнат лично познавање за положбата и за делото на нашиот голем Поглавар свештенички; инаку ќе им биде неможно во ова време да имаат вистинска вера или да заземаат положба што Бог сака да ја имаат. Секој треба да ја спаси или да ја загуби својата душа. Божјиот суд секој ден претставува посебен случај. Секој мора да стапи пред лицето на големиот Судија. Затоа мошне важно е секој поединец често да размислува за свечената сцена кога судот ќе седне и кога книгите ќе се отворат; кога секој ќе мора, како и Даниел, да стане и „да го прими своето наследство на крајот на деновите“ (Даниел 12,13).
Секој што примил светлина за овие предмети мора да сведочи за големите вистини што му ги доверил Бог. Светилиштето на небото е средиште на Хрисотвото дело за луѓето. Тоа е значајно за секое човечко суштество на земјата. Тоа ни го отвора погледот кон планот на спасението сè до крајот на времето и истовремено ни го открива и славниот завршок на борбата меѓу правдата и гревот. Од најголема важност е овие работи темелно да ги истражуваме и да сме подготвени секому што ќе нè праша да му дадеме одговор за нашето надевање.
Христовото посредување за човекот во небесното Светилиште е исто толку важно во планот на спасението колку и неговата смрт на крстот. Со својата смрт Христос го почнал ова дело, додека по воскресението се вознел да го доврши на небото. Ние мораме со вера да влеземе зад завесата каде што „Исус влезе за нас како претходник“ (Евреите 6,20). Таму величествено блескоти светлината на крстот од Голгота. Таму појасно можеме да ја сфатиме тајната на спасението. Спасението на луѓето е извојувано со неизмерната небесна жртва; принесената жртва ги задоволува сите барања на прекршениот Божји закон. Исус го отворил патот кон престолот на својот Отец. Преку него можат да ги изнесат пред Бога скриените желби сите што доаѓаат кај него со вера. (продолжува)