Додека Исус се застапува за приврзаниците на својата милост, сатаната пред Бога ги обвинува како престапници. Големиот измамник настојува да ги наведе да се сомневаат, да ги поттикне да ја загубат довербата во Бога, да се одделат од неговата љубов и да го прекршат неговиот Закон. Тој сега го истакнува извештајот на нивниот живот, несовршенството на нивниот карактер, нивната разлика со Христа, со што му нанеле срам на својот Откупител; ги истакнува сите нивни гревови на кои ги навел и затоа бара тие да станат негова своина.
Исус не ги оправдува нивните гревови, но укажува на нивното покајание и на нивната вера и бара проштавање за нив подигајќи ги своите ранети раце пред Отецот и пред светите ангели, велејќи: „Ги познавам по име, сум ги напишал на дланките на моите раце.“ „Жртва за Бога е духот покајнички; покаено и понизно срце, Боже, не презираш“ (Псалм 51,17). А на тужителот на својот народ му одговара: „Му рече Господ на сатаната: ‘Господ да те укори, Господ да ти забрани, кој го избра Ерусалим. Зар тој не е гламна истргната од оган?’“ (Захарија 3,2). Христос своите верни ќе ги облече во својата сопствена праведност за да може да ги покаже пред својот Отец како „црква во сета нејзина слава, без дамка, ниту брчка или нешто слично“ (Ефесците 5,27). Нивните имиња се запишани во книгата на животот и за нив е напишано: „Тие ќе одат во бели облеки со мене, зашто се достојни“ (Откровение 3,4).
Така во целост ќе се исполнат ветувањата на новиот завет: „Ќе им ги простам беззаконијата и за нивните гревови нема веќе да си спомнувам“ (Еремија 31,34). „Во оние дни и во она време, вели Господ, ќе го бараат гревот на Израел, но ќе го нема повеќе; ќе ги бараат опачностите јудејски, но нема да ги најдат; зашто им простив на сите што ги сочував“ (Еремија 50,20). „Во оној ден фиданката Господова ќе се јави во убавина и чест, а плодот на земјата во величие и слава за спасените во Израел. Оние што ќе останат и што ќе преживеат во Ерусалим, ќе се викаат ‘свети’ и ќе бидат запишани да живеат во Ерусалим“ (Исаија 4,2.3).
Истражниот суд и бришењето на гревовите мора да бидат завршени пред второто Господово доаѓање. Бидејќи на мртвите ќе им биде судено според она што е запишано во книгите, не е можно гревовите на луѓето да бидат избришани пред крајот на судот на кој ќе се испитува нивниот живот. Апостол Петар јасно изјавува дека гревовите на верните треба да бидат избришани за да настапат „времиња на освежување и да го прати Исуса, преткажаниот за вас Христос“ (Дела 3,19.20). Кога истражниот суд ќе заврши, Христос ќе дојде и со себе ќе му донесе награда се кому според неговите дела.
Кога поглаварот свештенички во симболичката служба го извршил чистењето за Израел, излегол и го благословил народот. Така и Христос ќе се појави на крајот од својата посредничка служба „не заради грев, туку за спасение на оние кои нестрпливо го очекуваат“ (Евреите 9,28). Како свештеникот што ги отстранувал од светилиштето гревовите исповедајќи ги врз главата на јарецот за грев, така и Христос сите признати гревови ќе ги натовари на сатаната, причинителот и поттикнувачот на гревот. Јарецот што ги носел гревовите Израелови бил одведен „в пустина“ (3. Мојсеева 16,22). Така и сатаната, врз кого ќе падне вината за сите гревови на кои го навел Божјиот народ, ќе биде заточен илјада години на оваа Земја, која тогаш ќе биде пуста и без жители, и најпосле ќе претрпи полна казна за гревот во оган, кој ќе ги уништи сите беззаконици. Така големиот план на спасението ќе биде наполно остварен со конечно отстранување на гревот и со избавување на сите што добро волно се откажале од злото.
Во времето одредено за суд на крајот од пророчките 2300 денови и ноќи почна истражното дело и бришењето на гревовите. Сите што кога и да е го признале Христовото име, ќе бидат предмет на истрагата. На живите и мртвите ќе им биде судено „според она што е запишано во книгите, според нивните дела“ (Откровение 20,12).
Гревовите за кои не сме се покајале и кои не сме ги напуштиле, нема да бидат простени и избришани од книгата, туку на денот на Божјиот суд ќе бидат сведоци против грешникот. Без оглед на тоа дали човекот своите лоши дела ќе ги направи среде бел ден или во мрак среде ноќ , тие се откриени пред Оној пред кого сите мораме да дадеме сметка. Божјите ангели го виделе секој сторен грев и го запишале во непогрешните книги. Гревот може да се негира, да се скрие, само пред таткото, пред мајката, пред жената, пред децата и пред пријателите. Можеби никој, освен грешникот, ниту малку не се сомнева во стореното зло, но пред небесните суштества ќе биде сè откриено. Темнината на најтемната ноќ , таинственоста на највештите измами не можат да скријат ниту една единствена мисла пред сезнаењето на Вечниот. Бог има точен извештај за секоја неправда и за секое нечесно дело. Него не можеме да го измамиме со надворешниот изглед на побожноста. Тој не се лаже во оценувањето на карактерот. Луѓето со расипано срце можат да измамат човек, но Бог проникнува во секое лицемерство и го познава целиот внатрешен живот на човекот. (продолжува)