(продолжува од претходниот ден) Посветувањето што го истакнува Светото писмо го опфаќа целото суштество духот, душата и телото. Павле се молел за Солуњаните целиот нивни „дух, душата и телото да бидат запазени целосни и беспрекорни при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос“ (1. Солуњаните 5,23). На друго место тој им пишува на верните: „Браќа, ве молам, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела како жива и света богоугодна жртва“ (Римјаните 12,1). Во времето на стариот Израел секоја жртва што му се принесувала на Господа внимателно се испитувала. Ако би се пронашла каква било мана на животното за жртва, тоа не се примало, зашто Бог одредил жртвата да биде „без мана“. Така на христијаните им е наредено да ги дадат своите тела „како жива и света богоугодна жртва“. За да можат да го прават тоа, сите нивни сили мора да бидат сочувани во најдобра состојба. Секоја постапка што ја намалува човековата телесна или душевна сила го онеспособува за служба на неговиот Творец. Може ли на Бога да му биде угодно кога му жртвуваме нешто што не е најдобро? Христос рекол: „Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце.“ Оние што го љубат Господа со сето свое срце ќе настојуваат да му служат со сиот свој живот и постојано ќе се трудат секоја способност на своето битие да ја сообразат со законите што ќе ги усовршат нивните способности да ја извршуваат неговата волја. Тие нема да им попуштаат на желбите и страстите за да ја намалат или да ја осквернат жртвата што му ја принесуваат на својот небесен Отец.
Петар вели: „Да се воздржувате од телесните похоти кои војуваат против душата“ (1. Петрово 2,11). Секое грешно задоволство ги отапува умните сили и ги ослабува душевните и духовните способности, така што Божјата реч или Светиот Дух не можат да влијаат врз срцето. Павле им пишувал на Коринќаните: „Да се исчистиме од секоја духовна и телесна нечистотија, усовршувајќи ја својата светост во Божји страв“ (2. Коринќаните 7,1). А кон плодовите на Духот кои се: „љубов, радост, мир, трпение, доброта, милост, вера, кротост“, додава и „воздржливост“ (Галатите 5,22.23).
А колкумина од нив, кои се викаат христијани, наспроти овие вдахновени опомени, ги ослабуваат своите сили во потера по разни добивки и со коленичење пред модата! Колкумина од нив го понижуваат своето човечко достоинство со ненаситно јадење, со пијанство и со забранети уживања! А црквата, наместо да го жигоса ова зло, уште и го охрабрува, оддавајќи се и самата на уживања, на желба за добивка и на разни задоволства за да ја наполни својата благајна, што љубовта кон Христа не може да им го осигури. Кога Исус би влегол во денешните цркви и таму би го видел она несвето однесување и онаа несвета трговија што се прави во име на верата, зар не би ги истерал овие сквернители како некогаш што ги истерал менувачите на пари од храмот?
Апостол Јаков вели дека мудроста што доаѓа озгора „пред сè е чиста“ (Јаков 3,17). Кога Јаков би ги сретнал оние што го земаат светото име на Исуса во својата со тутун извалкана уста, чиишто тела и здив се проникнати со овој одвратен мирис и кои со него го трујат небесниот воздух и сите околу себе ги присилуваат да го вдишуваат тој отров зар апостолот на чистото евангелие не би го осудил овој одвратен обичај како световен, сетилен и ѓаволски? Робовите на тутунот можат да тврдат дека се свети, можат да зборуваат за својата надеж за небото, но Божјата реч јасно кажува: „Во него нема да влезе ништо нечисто“ (Откровение 21,27).
„Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух кој е во вас, кого го имате од Бога, па дека не си припаѓате на себеси? Зашто скапо сте платени. Затоа, прославете го Бога во своето тело“ (1. Коринќаните 6,19.20). Оној, чие што тело е црквана Светиот Дух, никогаш нема да биде роб на некоја штетна навика. Неговите сили му припаѓаат на Христа кој го откупил со својата крв. Сè што има му припаѓа на Господа. Како може да биде без вина ако го растури ова доверено му добро? Многу христијани секоја година трошат огромни суми на бесполезни и штетни уживања, додека души пропаѓаат поради недостиг од лебот на животот. Бог е закинуван во приносите и даровите затоа што луѓето повеќе трошат на олтарот на штетните уживања отколку што даваат за помагање на сиромасите или за ширење на евангелието. Кога сите што тврдат дека се Христови следбеници навистина би биле посветени, тогаш нивните средства, наместо да бидат потрошени на некорисни и штетни задоволства, би влегле во Господовата благајна, и христијаните би биле пример на умереност, самооткажување и самопрегор. Тогаш тие би биле светлина на светот. (продолжува)