Исус и неговите ученици ноќта ја поминале на планината, а кога сонцето изгреало, слегле во долината. Длабоко замислени и молчаливи, учениците биле исполнети со страхопочит. Дури ни Петар немал ништо да каже. Радо би останале да живеат на тоа свето место допрено со небесната светлина, на кое Божјиот Син ја открил својата слава, но требало да ја завршат задачата за народот што на сите страни веќе го барал Исуса.
Во подножјето на планината се собрало големо мноштво предводено од другите ученици кои знаеле каде отишол Исус. Слегувајќи, Спасителот им заповедал на тројцата свои придружници да не зборуваат ништо за она што го виделе: „Не кажувајте му никому за ова што го видовте додека Синот човечки не воскресне од мртвите.“ За откровението што го добиле учениците требало да размислуваат во своите срца, не објавувајќи го јавно. Пренесувајќи му го на мноштвото, би предизвикале само потсмев или празно љубопитство. Дури и деветтемина апостоли нема да ја разберат сцената сè до по Христовото воскресение од мртвите. Колку бавно сфаќале дури и овие тројца омилени ученици се гледа од фактот дека, иако Христос им зборувал за она што го очекува, тие меѓусебно се прашувале што би требало да значи „воскресение од мртвите“. Сепак, не барале никакво објаснување од Исуса. Неговите зборови за иднината ги исполнувале со жалост; не барале никакво натамошно откровение за она што сметале дека можеби никогаш нема да се случи.
Кога луѓето во низината го виделе Исуса, му истрчале во пресрет, поздравувајќи го со почит и со радост. Сепак, неговото остро око забележало дека се мошне збунети. Учениците изгледале збркани. Токму тогаш се случило нешто што им нанело понижување и горко разочарување.
Додека чекале во подножјето на планината, еден татко им го довел својот син да го ослободат од немиот дух што го мачел. Кога Исус ги пратил дванаесеттемина да проповедаат во Галилеја, апостолите добиле власт над нечистите духови да ги истеруваат надвор. Додека оделе силни во верата, лошите духови им се покорувале на нивните зборови. Сега во Христо во име му наредиле на духот што ја мачел својата жртва да ја напушти, но лошиот дух само им се потсмевал, расфрлајќи се одново со својата моќ .
Неспособни да го објаснат својот неуспех, учениците почувствувале дека си нанесуваат срам себеси и на својот Учител. Среде мноштвото имало законици кои добро ја искористиле оваа можност да ги понижат. Туркајќи се околу учениците, ги опсипале со прашања, сакајќи да докажат дека тие и нивниот Учител се измамници. Рабините победоносно објавиле дека овде има зол дух кој ни учениците а ни сам Христос не можат да го совладаат. Народот бил склон да премине на страна на закониците и со мноштвото завладеало чувство на презир и подбив.
Меѓутоа, наеднаш обвинувањата престанале. Гледајќи дека се приближуваат Исус и тројцата ученици, народот бргу го променил расположението и се свртел да ги сретне. Ноќната заедница со небесната слава оставила траги врз Спасителот и неговите придружници. Врз нивната појава почивала светлина што со страхопочит ги исполнувала оние што ги гледале. Закониците во страв се повлекле додека народот го поздравил Исуса со добредојде.
Како да бил очевидец на сè што се случило, Спасителот дошол до местото на судирот и, насочувајќи го погледот кон закониците, ги прашал: „За што се препирате со нив?“
Гласовите што пред тоа биле толку самоуверени и предизвикувачки, сега стивнале. Среде мноштвото завладеал молк. Сега ујадениот татко се протуркал низ мноштвото и, фрлајќи се пред Исусовите нозе, ја излеал својата неволја и разочарување.
„Учителе“, рекол, „го доведов кај тебе син ми што го опседнал нем дух. Кога го фаќа, го кутнува… Им реков на твоите ученици да го истераат, но не можеа.“
Исус погледнал околу себе занеменото мноштво, кавгаџиските законици, збунетите ученици. Го читал неверството во секое срце и со глас полн со жалост извикнал: „О неверно поколение, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам?” Тогаш му заповедал на несреќниот татко: „Доведете го кај мене!“
Го довеле момчето и кога погледот на Спасителот се спуштил врз него, лошиот дух го кутнал на земја во грчовна агонија. Лежело валајќи се и фрлајќи пена, сечејќи го воздухот со своите нечовечки извици.
На бојното поле повторно се сретнале Кнезот на животот и кнезот на силите на темнината Христос во исполнување на својата мисија „да им навестам ослободување на заробените… пуштање на слобода на напатените“ (Лука 4,18), а сатаната со желба својата жртва да ја задржи под своја власт. Ангелите на светлината и четите лоши ангели, невидливи, дошле близу да го набљудуваат судирот. За миг Исус му дозволил на лошиот дух да ја покаже својата сила за да можат присутните да го сфатат ослободувањето. (продолжува)