Во врска со саботата пророк Исаија преткажал нејзина реформа што ќе биде извршена во последните денови: „Вака вели Господ: ‘Пазете го правосудството и вршете ја правдата, зашто наскоро ќе дојде моето спасение и ќе се објави мојата правда. Блазе му на човекот кој прави така и на синот човечки кој се придржува за тоа: кој ја почитува саботата за да не ја оскверни и кој ги чува своите раце од секое зло дело.’“ „А туѓинските синови, кои се определија за Господа да му служат, да го љубат Господовото име и да му бидат слуги, кои ја почитуваат саботата и не ја осквернуваат и кои се постојани во мојот завет, нив ќе ги доведам на мојата света гора и ќе ги развеселам во мојот молитвен дом. Нивните паленици и жртви ќе бидат угодни на мојот жртвеник, зашто мојот дом ќе се нарече дом на молитва на сите народи“ (Исаија 56,1.2.6.7).

Овие зборови се однесуваат на христијанскиот период како што се гледа тоа од следните зборови: „Господ Бог, кој ги собира распрснатите Израелци, вели: ‘Кон собраните кај Израел ќе собирам и други’“ (Исаија 56,8). Овде се објавува собирање на многубошците со помош на евангелието. Тогаш над оние што ќе ја почитуваат саботата ќе се изрече благослов. Така обврската на четвртата заповед се протега преку времето на Христовото распнување на крст, преку неговото воскресение и вознесување; таа го опфаќа времето кога неговите слуги треба да им ја проповедаат радосната вест на сите народи.

Преку истиот пророк Господ заповеда: “Врзи го ова сведоштво, запечати го ова откровение меѓу моите ученици“ (Исаија 8,16). Печатот на Божјиот закон се наоѓа во четвртата заповед. Само оваа заповед, од сите десет, покрај името ја изнесува и титулата на Законодавецот. Таа го означува како Творец на небото и земјата и со тоа покажува дека само Тој има право на слава и обожавање. Освен оваа заповед, нема ништо во Декалогот што би покажувало со чиј авторитет е даден овој Закон. Кога папската моќ ја променила саботата, симнат е печатот од Законот. Христовите ученици се повикани пак да го воспостават со тоа што ќе ја издигнат саботата на нејзиното вистинско место како спомен­ден на Творецот и како знак на неговиот авторитет.

„Закон и сведоштво барајте.“ Има многу науки и теории, но Божјиот закон е единствено непогрешно мерило според кое треба да се просудуваат сите мислења, науки и теории. Пророкот вели: „Оној што не зборува така, за него нема зора“ (Исаија 8,20).

Потоа е дадена заповед: „Викај од сето грло, не воздржувај се! Крени го својот глас како труба. Објави му ги на мојот народ неговите злосторства, на Јакововиот дом неговите гревови“ (Исаија 58,1). Тоа не е безбожниот свет, туку оние што Бог ги нарекува „мој народ“, а кој поради своите престапи ќе биде казнет. Тој понатаму кажува: „Тие секој ден ме бараат и сакаат да ги знаат моите патишта кои, како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог. Од мене бараат праведни судови и копнеат за да им се приближи Бог“ (Исаија 58,2). Овде се зборува за луѓето кои мислат дека се праведни и кои покажуваат навидум голем интерес за Божјата служба; но сериозниот и свечен укор од Оној што ги испитува срцата докажува дека тие ги газат Божјите заповеди.

Пророкот вака укажува на наредбата што била занемарена: „Ти ќе ги подигнеш старите урнатини, ќе ги востановиш основите на идните поколенија. Ќе те викаат обновител на урнатините, градител на патиштата за населби. Ако ја воздржиш својата нога за да не ја погазиш саботата, ако не работиш во мојот свет ден и ако саботата ја нарекуваш радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш, воздржувајќи се од работа и од празни зборови, тогаш ќе најдеш своја радост во Господа“ (Исаија 58,12­14). Ова пророштво се однесува и на денешно време. Кога папската власт ја променила саботата, тогаш во Божјиот закон настанала пукнатина. Но дошло време кога оваа божествена установа треба да биде обновена. Пукнатината треба да се поправи и да се подигнат старите темели.

Адам во својата невиност, во Едемската градина, празнувал сабота, посветена и благословена од Творецот; ја празнувал дури и тогаш кога поради својот пад, кој горко го оплакувал, бил истеран од својата среќна татковина. Сите патријарси од Авела па до праведниот Ное, Аврам и Јаков ја празнувале саботата. Кога избраниот народ бил во египетско ропство, мнозина го заборавиле Божјиот закон поради идолопоклонството што владеело таму. Но кога го ослободил Израел, Господ го објавил својот Закон на величествен начин пред сиот народ за сите да ја дознаат неговата волја, да се бојат од него и секогаш да му бидат послушни.

Од тогаш, па сè до денеска, на земјата се знаело за Божјиот закон и за саботата за четвртата заповед која се празнувала. Иако на „човекот на беззаконието“ му успеало да го погази Божјиот свет ден, сепак, и за време на папската превласт, имало верни души кои ја празнувале саботата на скриени места. Од времето на ре формацијата, во секое поколение имало луѓе што ја празнувале. И покрај честите подбиви и прогонства, секогаш имало луѓе што све дочеле за вечноста на Божјиот закон и за свечената обврска кон саботата како спомен на создавањето. (продолжува)

Pin It on Pinterest