(продолжува од претходниот ден) Љубовта кон душите за кои Христос умрел претставува распнување на своето јас. Секое Божје дете од сега треба себеси да се смета за алка во синџирот подаден да се спаси светот, соединето со Христа во неговиот план на милоста, и да оди со него да ги бара и да ги спаси загубените. Христијанинот треба постојано да го има на ум своето посветување на Бога и обврската да му го открие Христа на светот со својот карактер. Самопожртвуваноста, сочувството и љубовта, покажани во Христовиот живот, треба повторно да се покажат во животот на оние што работат за Бога.
„Оној што сака да го сочува својот живот, ќе го загуби, а оној што ќе го загуби својот живот заради мене, ќе го најде.“ Себичноста е смрт. Ниеден орган во телото не би можел да живее ако би ја ограничил својата работа само на себе. Срцето, занемарувајќи да им ја праќа животворната крв на раката или на главата, бргу би ја загубило својата сила. Како нашата животворна крв, така и Христовата љубов се шири во секој дел на неговото духовно тело. Ние сме органи еден на друг и душата што не дава ќе умре. „Каква полза ќе има човекот“, рекол Исус, „ако го добие сиот свет, а го загуби својот живот? Што може да даде човекот како откупнина за својот живот?“
Зад сегашното сиромаштво и понижување, Тој на учениците им укажал на своето доаѓање во слава, не во сјај на некој земен престол, туку во слава на Бога и на небесната војска. „Тогаш“, рекол, „секому ќе му возвратам според неговите дела“ За да ги охрабри, го дал следното ветување: „Вистина, ви велам, има некои меѓу вас, кои стојат тука, кои нема да вкусат смрт додека не го видат царството Божје.“ Меѓутоа, учениците не ги разбрале неговите зборови. Им се чинело дека славате е далеку. Нивните очи биле приковани за она што го виделе близу, за земниот живот на немаштија, на понижување и страдања. Мора ли да го напуштат копнежливото очекување на царството на Месија? Зар својот Господ нема да го видат како седнува на Давидовиот престол? Зар е можно Христос да живее живот на понизен скитник без дом, да биде презрен, отфрлен и погубен? Нивните срца ги тиштела жалост, зашто го сакале својот Господ. Нивните души исто така ги мачело сомневање, зашто не можеле да сфатат дека Божјиот Син ќе биде изложен на толку свирепо понижување. Се прашувале зошто треба доброволно да оди во Ерусалим и да доживее такви постапки што ги најавувал. Како може да ја прифати таквата судбина и да ги остави во поголема темнина од онаа во која го барале патот пред самиот Тој да им се открие?
Во областа на Ќесарија Филипова Христос бил надвор од досегот на Ирода и Кајафа, си размислувале учениците. Не требало да се плаши од еврејската омраза или од римската сила. Зошто да не работи овде, далеку од фарисеите? Зошто е потребно сам да ја прифати смртта? Ако треба да умре, тогаш како ќе го основе своето царство толку цврсто за ни гробната врата да не може да го надвлада? За учениците ова навистина било тајна. Токму сега тие патувале по должината на брегот на Галилејското Езеро, кон градот во кој ќе се угаснат сите нивни надежи. Не се осмелувале ништо да проговорат со Христа, туку со тивок жалосен глас разговарале за тоа каква ќе биде иднината. Наспроти своите прашања, кај нив се развила притивната надеж дека некоја непредвидена околност ќе ја отстрани несреќата што можеби го очекувала нивниот Господ. Така шест долги, тажни денови жалеле и се сомневале, се надевале и стравувале.