МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 септември: Совршенство на карактерот)

„Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род.“ (Исаија 51:8; Библија)

Помеѓу предметите од облека што еднаш ми затребаа, пронајдов некои чисто волнени коишто на прв поглед ми изгледаа дека се сосема добри, но кога ги изнесов на светлина и внимателно ги протресов, веднаш се покажа уништувачкото делување на молците. Доколку немаше детален преглед немаше да можеме да го откриеме нивното пустошење. Молецот е толку ситен што едвај се забележува, но знаците на неговото постоење се и те како видливи, а штетата што ќе ја направи на волнените ткаенини покажува дека тој вредно работи додека ние тоа не го ни забележуваме.

Размислувањето за тајното, но деструктивно делување на тие ситни молци, нè потсетува на некои човечки суштества што ги познававме. Колку често нашето срце е болно погодено со некое ненадејно откритие во надворешните постапки на оние за коишто сме верувале дека се многу подобри, а со што всушност е разоткриен нивниот вистински карактер, што дотогаш бил вешто прикриен од погледите на другите. Кога ќе се изнесе на светлината на Божјата Реч, карактерот често изгледа како облека нагризана од молци, на којашто, дури кога ќе се протресе и прегледа, се открива уништувачкото делување коешто со години било вршено во тајност.

Како што на молецот му е потребно време, за полека и во темнина да го изврши своето деструктивно делување, така и децата или младите со текот на времето, малку по малку, својата среќа и сигурност сè полесно ја наоѓаат на патот на лагата и гревот, скриени од човечките очи. Карактерот не се формира со една постапка, било таа да е добра или погрешна, но мислите и склоностите на коишто постојано им се попушта го припремаат патот за постапки и дела од иста природа. Бидете многу внимателни да не си дозволите да го направите првиот чекор во некој погрешен правец. Ако темелот на својот карактер го поставите во живот на чистота, чесност и доблести, барајќи за тоа сила и помош од Бога, вашиот карактер нема да личи на облека изгризана од молци, туку ќе биде цврст и постојан.

 

 

Pin It on Pinterest