МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 септември: Совршенство на карактерот)

„И така, возљубени, имајќи ги овие ветувања, да се очистиме од секоја духовна и телесна нечистотија, довршувајќи ја својата светост во страв пред Бога.“ (2 Коринтјаните 7:1; Библија)

Изградувањето на беспрекорен христијански карактер претставува животна задача, и значи нешто повеќе од самото побожно размислување за таа голема цел. Добриот карактер што можете да го имате мора да биде резултат на вашите лични напори. Пријателите можат да ве храбрат и поттикнуваат, но не можат да делуваат наместо вас. Само со имањето желба, со воздивнувањето и со сонувањето никогаш нема да постигнете нешто големо и добро. Морате да се качувате, вложувајќи притоа најодлучни напори.

Разговорите коишто ги водиме во семејниот круг, книгите што ги читаме и работите со коишто се занимаваме во животот – сето тоа влијае на формирањето на нашиот карактер и од ден на ден одлучува за нашата вечна судбина.

Умните способности и генијалноста не претставуваат мерило за карактерот, затоа што тоа често го поседуваат и оние коишто се во целосна спротивност на добриот карактер. Уживањето на добар глас исто така не е она што го прави карактерот. Вистинскиот карактер е својство на душата и се открива во однесувањето.

Карактерот оформен според Божествениот пример претставува единствено вистинско богатство коешто ќе можеме да го земеме со себе од овој свет во идниот живот. Оние коишто на овој свет се покоруваат на Христовите упатства, сето сознание за Бога, стекнато овде, ќе го понесат во небесните дворови и така ќе продолжат со постојано усовршување.

Добриот карактер е капитал повреден и од сребро и од злато. Тоа е богатство што со ништо не може да се уништи, и коешто во оној ден кога сè што е овоземско ќе ја изгуби својата вредност, ќе биде богато возвратено. Чесноста, цврстината и постојаноста претставуваат особини за коишто сите најискрено треба да се залагаат и да ги негуваат, затоа што таквите особини му даваат сила на којашто не може да ѝ се одолее на оној што ги поседува, сила којашто го прави силен да прави добро, да му се спротивстави на злото и мирно да ги поднесува неправдите и тешкотиите.

Pin It on Pinterest