МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(13 – 19 септември: Посветувачката сила на вистината)

„Господи, кој може да живее во Твојот шатор? Кој ќе се настани на Твојата Света Гора? Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце.“ (Псалм 15,1.2; Библија)

Ние мораме да ги истакнуваме начелата на вистината, и да препуштиме таа да делува на срцата на слушателите. Од дрвото коешто не ни се допаѓа можеме повеќе пати да ги искинеме лисјата, но дрвото поради тоа нема да умре, лисјето секој нареден пат ќе расте уште побујно. Но кога со секира ќе го засечеме коренот на дрвото, не само што лисјата самите ќе отпаднат од него, туку и дрвото ќе се исуши.

Оние, коишто вистината ја прифаќаат затоа што им е мила, ќе станат мртви за светот, а во срцето ќе бидат кротки и понизни, слични на својот божествен Учител. Штом вистината ќе го освои срцето, со самото тоа нашата облека, разговори и целиот живот доаѓаат во склад со Божјата Реч. Сите ние треба да се понизиме под моќната Божја рака. Тој нека ни помогне цврсто да застанеме со своите нозе на платформата на вечната вистина.

Преобразувачкото влијание на вистината ја посветува душата. Тогаш човекот ги сака Божјите заповеди, и се плаши да згреши. Христовата љубов, изразена во Неговата голема жртва за човекот, ги руши сите препреки. Љубовта кон Бога ја освојува душата, и од срцето, коешто било ладно како карпа, се издигнува благодарност. Распнатиот Христос, Христос нашата правда, го освојува срцето и го наведува на покајание. Оваа тема, така едноставна што и децата можат да ја сфатат, ги обзема мудрите и учените кога ќе ја сфатат сета длабочина на мудроста, љубовта и силата коишто не можеле ниту да си ги претпостават. Ние треба да ја изнесуваме таа драгоцена вистина на луѓето коишто се оковани во грев и незнаење. Нека увидат сите дека Исус умрел поради нивните престапи и дека сака да ги спаси.

Да имаме на ум дека и јазикот и перото треба да ги посветиме на вистината. Кога како народ ќе живееме по Божјата волја, подлабоко ќе бидеме поттикнати од Неговиот Дух да се залагаме за оние коишто не ја познаваат вистината. Мораме да бидеме обземени со длабоко и трајно чувство за значењето, светоста и влијанието на вистината.

Pin It on Pinterest