МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 5 септември: Посветување)

„Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и јас ги испратив во светот; За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината.“ (Јован 17:18.19)

Христос вели дека Тој се посветил за нас за да можеме и ние да станеме свети. Тој ја зел на себе нашата природа и им станал беспрекорен пример на луѓето. Тој не погрешил во ништо за да можеме ние да станеме победници и како такви да влеземе во Неговото царство. Тој и за нас Му се моли на Својот Татко: „Посвети ги со вистината.“

Што е всушност вистината? „Твоето Слово е вистината“, нагласува Тој. Неговите ученици навистина треба да бидат потполно посветени на таа вистина. „Не Те молам само за нив“, продолжува Тој, „туку и за оние кои преку нивните зборови ќе веруваат во Мене“. Оваа молитва е упатена и за нас, ние треба да веруваме во она за што сведочат Неговите ученици. Тој исто така се молел Неговите ученици да бидат едно, како што Тој е едно со Таткото, за тоа единство да претставува сведоштво за светот дека Тој ни е испратен и нам, и тоа да биде очевиден доказ за Неговата милост.

Нам ни се нуди можност да пристапиме во света блискост со Искупителот на светот, да бидеме едно со Христа како што Тој е едно со Таткото. Каква чудесна промена можеме да доживееме со таквото зближување со Божјиот Син. Нашиот вкус, нашите склоности, нашите амбиции и страсти – сето тоа треба да се усклади со Христовиот Дух. Токму тоа Христос сака да го направи за сите оние коишто ќе поверуваат во Него. Нашиот живот и нашето однесување треба да претставуваат сила којашто позитивно ќе влијае на светот. Животот и влијанието на Христовите следбеници треба да бидат под постојана контрола на Неговиот Дух, тогаш навистина ќе ги исполнат Христовите зборови: „И славата што Ми ја даде, им ја дадов ним.“

Христовата милост доведува до чудесно преобразување во животот и карактерот на оние коишто Го примаат; и ако сме навистина Христови ученици, светот ќе види дека таа божествена сила направила нешто за нас – иако живееме на овој свет, ќе бидеме слободни од Неговиот дух.

Pin It on Pinterest