(продолжува од претходниот ден) „Тој ќе создаде Светилиште (црква) Господово.“ Со својата жртва и со своето посредување Христос е темел и градител на Божјата црква. Апостол Павле упатува на него како темелен камен „врз кој целата стројно зглобена зграда расте во свет храм во Господа, врз кој и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божје живеалиште“ (Ефесците 2,20-­22).

„И ќе се прослави…“ Славата за спасението на паднатиот човечки род му припаѓа на Христа. Низ сите времиња на вечноста спасените ќе пеат: „Кој нè љуби и нè изми од нашите гревови ссвојата крв… нему слава и власт во вечни векови. Амин“ (Откровение 1,5.6).

„Тој ќе седи и ќе владее на престол, а до него на престол ќе седи свештеник.“ Сега уште не е на престолот на својата слава, зашто царството на славата уште не е воспоставено. Дури кога ќе го заврши своето дело како посредник, „Господ Бог ќе му го даде престолот на неговиот татко Давид… и неговото царство не ќе има крај“ (Лука 1,32.33). Како свештеник, Христос сега седи со Отецот на неговиот престол (Откровение 3,21). На престолот со Вечниот, кој има во себе живот, седи Оној кој „ги понесе нашите болести и ги зеде на себе нашите немоќи“, „кој е искушан во сè како и ние само што не згреши“, „дека може да им помогне на оние што се искушаваат.“ „Ако некој згреши, имаме Застапник кај Отецот“ (Исаија 53,4; Евреите 4,15; 2,18; 1. Јованово 2,1). Неговото посредување се темели на неговото прободено и скршено тело и на неговиот безгрешен живот. Ранетите раце, прободените ребра и прикованите нозе зборуваат во прилог на паднатиот човек чиешто спасение е откупено со толку безмерно висока цена.

„Меѓу нив ќе владе совршена хармонија.“ Љубовта на Отецот, не помалечка од љубовта на Синот, е извор на спасението за паднатиот човечки род. Пред своето заминување, Исус им рекол на своите ученици: „И не ви велам дека јас ќе го молам Отецот за вас, оти Отецот сам ве љуби” (Јован 16,26.27). „Оти Бог го помири светот со себе преку Христа“ (2. Коринќаните 5,19). А во службата на небесното Светилиште „меѓу нив владее совршена хармонија“. „Зашто Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син за ниеден кој верува во него да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3,16).

На прашањето што е Светилиште, Светото писмо дава јасен одговор. Изразот „Светилиште“, како што се употребува во Библијата, се однесува прво на шаторот за состанок (каде што се состанувал Бог со својот народ) што го направил Мојсеј според мострата на небесното Светилиште, а потоа на вистинскиот шатор на небото, на кој упатувало земното Светилиште. Со Христовата смрт престанало симболичкото Светилиште. „Вистинското Светилиште“ на небото е Светилиште на Новиот завет. А бидејќи пророштвото во Даниел 8,14 се исполнило во Новиот завет, мора и Светилиштето, на кое се однесува тоа, да биде Светилиште на Новиот завет. На крајот од пророчките 2300 дни, односно во 1844 година, веќе многу векови на земјата немало никакво Светилиште. Според тоа, пророштвото „Уште две илјади и триста вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе се очисти“, без сомнение се однесува на Светилиштето на небото.

Меѓутоа, ни останува уште да одговориме на најважното прашање: Што е тоа чистење на Светилиштето? Дека таква служба постоела во земното Светилиште, ни потврдува Стариот завет. Но, зар на небото има нешто што треба да се чисти? Во Евреите 9. глава јасно се зборува за чистење на земното како и на небесното Светилиште. „Според законот, речиси сè се чисти со крв и без пролевање на крв нема проштавање. Значи, ако со тоа се чистат небесните копии што се на земјата, потребно е небесните стварности да се чистат со поуспешни жртви“, односно со скапоцената Христова крв. Чистењето во симболот и во вистинската служба мора да биде извршено со крв: во земното Светилиште со крв на животни, а во небесното со Христовата крв. Павле ни ја дава причината зошто ова чистење мора да се изврши со крв: затоа што без пролевање на крв нема проштавање. Проштавањето или отстранувањето на гревот е дело што треба да се изврши. Но како може гревот да се поврзе со Светилиштето, било тоа да е на небото или на земјата? Ова можеме да го дознаеме со помош на земната служба, зашто свештениците што ја вршеле својата служба на земјата им служеле на „сликите и сенката на небесните стварности“ (Евреите 8,5). (продолжува)

Pin It on Pinterest